Пахор заминува по два мандата, односно десет години поминати на функцијата. Пирц Мусар доаѓа на функцијата откако победи на изборите во кои настапи како независна кандидатка
Наташа Пирц Мусар (54) денеска на свечена церемонија во претседателската палата ја презеде должноста петти претседател на Словенија. Таа е прва жена на функцијата.
На церемонијата таа беше придружувана од нејзиниот сопруг. Како нов врховен командант на словенечките вооружени сили, Пирц Мусар изврши смотра на почесната гарда. По црвениот тепих, таа дојде до палатата каде што нејзиниот претходник Борут Пахор, кој десет години ја вршеше претседателската функција, ја пречека со букет цвеќе.
Претседателката Мусар вчера на церемонија во националното собрание положи заклетва и вети дека ќе продолжи да се бори за човековите права и владеењето на правото.
Улогата на претседателот во Словенија е главно церемонијална, а претседателот според Уставот е и шеф на државата и врховен командант на словенечките вооружени сили.
Пирц Мусар, која по професија е адвокат, беше избрана за претседателка во вториот круг на 13 ноември откако го победи поранешниот министер за надворешни работи од партијата на десничарот Јанез Јанша, Анже Логар. Пирц Мусар тогаш освои 54 отсто од гласовите.
Пирц Мусар на изборите настапи како независна кандидатка. Таа е поранешна ТВ-презентерка која стана влијателна адвокатка специјализирана за заштита на лични податоци. Ја застапуваше и сопругата на поранешниот претседател на САД, Меланија Трамп. Позната е и како застапничка за правата на ЛГБТ-популацијата, а работела и 15 години во Советот на Европа како експерт за човекови права.