Досега ниту еден кандидат на десницата не победил на претседателски избори во Словенија. Така беше и на овие избори на кои десничарот Логар беше поразен од независната кандидатка Наташа Пирц Мусар која ќе биде петтиот претседател и прва жена на функцијата. Таа е поранешна ТВ презентерка која стана влијателна адвокатка и борец за човекови права, а нејзината изборна кампања ја фокусираше на човековите права, владеењето на правото и прашањата за социјална заштита
Адвокатката Наташа Пирц Мусар (54), како независна кандидатка, победи во вториот круг од претседателските избори во Словенија. Таа ќе биде петтиот словенечки претседател по отцепувањето од Југославија и прогласувањето независност, а прва жена на функцијата.
Прелиминарните резултати на Државната изборна комисија, на 99 отсто обработени гласови, покажуваат дека Пирц Мусар освои 53,86 отсто од гласовите во вториот круг. Нејзиниот ривал, десничарот и поранешен министер за надворешни работи Анже Логар доби 46,14 отсто.
Излезноста на изборите беше 49,9 отсто.
„Ќе дадам се од себе да бидам вистински претседател за сите, да работам за основните и уставните човекови и демократски права и за демократијата“,
рече Пирц Мусар во првата изјава пред новинарите по прогласувањето победа.
Пирц Мусар на изборите настапи како независна кандидатка. Таа е поранешна ТВ презентерка која стана влијателна адвокатка специјализирана за заштита на лични податоци. Ја застапуваше и сопругата на поранешниот претседател на САД, Меланија Трамп. Позната е и како застапничка за правата на ЛГБТ популацијата, а работела и 15 години во Советот на Европа како експерт за човекови права.
Нејзината кампања ја фокусираше на човековите права, владеењето на правото и прашањата за социјална заштита.
Противкандидатот Логар го призна поразот и ѝ ја честиташе победата. Тој е член на десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша и беше шеф на дипломатијата во неговата влада во периодот од 2020 до 2022 година.
И Логар формално на овие избори настапи како независен кандидат иако мнозинството од јавноста не го доживува така. Тој во кампањата се обиде да се дистанцира од својот партиски шеф и да се претстави себе како умерен политичар.
Во првиот круг од изборите тој имаше повеќе гласови – 33,96 отсто, додека Пирц Мусар освои 26,87 отсто од гласовите.
Меѓутоа, во пресрет на вториот груг Пирц Мусар ја доби поддршката од владејачките партии од центарот и левицата, чиј кандидат беше трет и не се пласираше во вториот круг. За потсетување, партиите од актуелната владејачка коалиција на парламентарните избори во април годинава успеаја да ја срушат и владата на десничарот Јанша.
На новинарско прашање дали гласовите кои денеска ги доби се „за“ неа или „против“ Логар, Пирц Мусар рече:
„Изборите се празник на демократијата. Сите гласаат ’за‘. Не сакам гласови ’против‘. Навистина сакам само гласови ’за‘ – за вредностите кои ги застапувам“.
Пирц Мусар на функцијата ќе го наследи Борут Пахор чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во декември, а Уставот не му дозволува да се кандидира за трет. Покрај Пахор (2012-2022) претходно претседатели на Словенија беа и Милан Кучан (1991-2002), Јанез Дрновшек (2002-2007) и Данило Тирк (2007-2012). Интересен е податокот дека никој од нив не бил кандидат на десницата.