Претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на АР, Љупчо Пренџов, продолжението на седницата на која се очекува новиот директор на АНБ, Милошевски, да реферира за неговите наоди за пропустот со даденото позитивно мислење за македонското државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, ја закажа за во вторник следната недела
Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски ќе продолжи онаму каде што застана неговиот претходник Виктор Димовски, во врска со истрагата за пропустот на Агенцијата во случајот „Онишченко“, како и со реферирањето за резултатите од неа пред надлежната собраниска комисија и пред Владата.

Ова денеска го потврди премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
Премиерот во одговорот потсети на претходната седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР) за која рече дека почнала неславно со својата работа реферирајќи за протекувањето на дел од излагањето на Димовски на собранискиот јутјуб-канал.
„Собраниската комисија за надзор на безбедносните служби започна неславно со својата работа во однос на овој случај бидејќи затворената седница беше пренесувана во живо. За тоа имаше истрага од страна на МВР чии резултати беа доставени до Собранието и потоа нормално ќе продолжи расправата на таа седница во координација на претседателот на Комисијата, претседателот на Собранието и директорот на АНБ, со тоа што таа истрага сега ќе треба да ја доврши новото раководство на АНБ да реферира пред Собранието и исто така да реферира пред Владата, нормално на затворена седница, и потоа да можат да се преземаат соодветни чекори согласно наодите од таа истрага“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на АР, Љупчо Пренџов, продолжението на седницата на која се очекува новиот директор на АНБ, Милошевски, да реферира за неговите наоди за пропустот со даденото позитивно мислење за македонското државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, ја закажа за во вторник следната недела.
Седницата на Комисијата, која беше затворена за јавноста поради класифицираните материјали, почна на 18 ноември, а требаше да продолжи на 15 декември, откако собранискиот спикер Талат Џафери даде дозвола по добиениот извештај од МВР од истрагата за безбедносниот пропуст со отчетот на Димовски на Јутјуб. Но седницата повторно беше прекината бидејќи на неа не се појави никој од АНБ.
Причината за тоа може да се бара во смената на нејзиното раководство. Имено, еден ден претходно Владата на седница за нов шеф на АНБ го именува Зарко Милошевски бидејќи Димовски треба да замине за амбасадор во Париз, Франција.
Инаку, во врска со случајот „Онишченко“, Владата му го поништи државјанството на Украинецот, а претходно, како што известија дел од медиумите, поведена е постапка за суспензија на двајца вработени во АНБ.
Исто така, по првото продолжение на седницата на собраниската Комисија откако беше прекината, Димовски пред медиумите изјави дека интерната проверка во Агенцијата утврдила дека не е испочитувано последното ниво на безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење за државјанството на Онишченко.