Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, на својот твитер-профил напиша дека е уапсен поранешниот српски полицаец Слаѓан Трајковиќ. Сопругата на уапсениот, Сузана Трајковиќ, за РТС вели дека синоќа ѝ било кажано оти нејзиниот сопруг е уапсен и префрлен во Приштина, како и дека е обвинет за воени злосторства
На северот на Косово продолжуваат апсењата на косовските Срби. Како што објави српскиот радиодифузен сервис, синоќа во северна Косовска Митровица бил уапсен Слаѓан Трајковиќ, еден од припадниците на косовската полиција од српска националност кои неодамна ја напуштија службата.
Директорот на Канцеларијата за Косово во владата на Србија, Петар Петковиќ, на својот твитер-профил напиша дека е уапсен поранешниот српски полицаец Слаѓан Трајковиќ.
„Курти продолжува да лови Срби, не сака да ги смирува тензиите и да ја деескалира ситуацијата. Како се појавуваат докази против Србите кои наеднаш ги напуштиле институциите, а не постоеле додека биле дел од косовскиот систем?“,
напиша Петковиќ.
Ново хапшење и то бившег српског полицајца Слађана Трајковића на KиМ показује да Kурти наставља лов на Србе, не жели да смири тензије и деескалира ситуацију! Kако се одједном појављују докази против Срба који су напустили институције а нису постојали док су били део кос. система?
— Петар Петковић (@PetkovicPetar) December 15, 2022
Сопругата на уапсениот Трајковиќ, Сузана Трајковиќ, за РТС вели дека синоќа ѝ било кажано оти нејзиниот сопруг е уапсен и префрлен во Приштина, како и дека е обвинет за воени злосторства.
Во меѓувреме, граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ на северот на Косово седми ден по ред се непроодни поради блокадите на косовските Срби кои стартуваа по апсењето на Дејан Пантиќ, поранешниот припадник на косовската полиција. Тој беше уапсен на 10 декември по што му беше одреден 30-дневен притвор поради сомнение дека учествувал во нападот во просториите на Централната изборна комисија во Митровица.
Инаку, денеска на преминот „Мердаре“ на КФОР му е предадено барањето на владата на Србија за враќање на сто до илјада припадници на српските безбедносни сили на територијата на Косово и според Резолуцијата 1244.