„Одговорот од Белград“ кој го најави Вучиќ ќе биде соопштен по денешната седница на српската влада, на која, меѓу другото, треба да се донесе одлука дали Србија ќе испрати барање до КФОР за враќање на колу 1 000 припадници на нејзините безбедносни сили во Косово поради зголеменото присуство на косовската полиција на север
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Приштина денеска и официјално го прекршила Вашингтонскиот договор со аплицирање за членство во Европската Унија, а одговорот од Белград ќе биде соопштен вечерва по седницата на владата.
„Денеска тие официјално го прекршуваат Вашингтонскиот договор, а на сето тоа ќе одговориме вечерва по седницата на владата на која бев поканет. Ќе добиете одговори и за нашето барање во врска со резолуцијата 1244 на ОН, како и повлекувањето на признавањето на Косово од многу земји“,
одговори Вучиќ на прашањето за поднесувањето на апликацијата на Приштина за членство во ЕУ, како и кога Србија ќе соопшти кои земји го повлекле признавањето на независноста на Косово.
Вучиќ рече и дека барањето на Косово за членство во ЕУ го прекршува членот 49 од Договорот за ЕУ.
„Не знам по кои критериуми се гледа дали некој е држава или не. Дали една, па и најголемата членка на ЕУ, мисли така, дали сите мислат така или се базира на членство во ОН. Ние Научивме од сето тоа. Ќе мораме максимално да се бориме и да ги заштитиме нашите државни и национални интереси“,
заклучи Вучиќ.
На прашањето дали има напредок во ситуацијата со Косово, Вучиќ рече дека вчера разговарал со европски и американски претставници и дека има некои идеи.
„Дали ќе успееме – ќе видиме. Ситуацијата е комплицирана, но ќе се потрудиме да ги зачуваме мирот и стабилноста“,
рече Вучиќ за време на турнејата на унгарско-српската граница.
Владата на Србија на денешната седница треба да одлучи дали ќе испрати барање до КФОР за враќање на колу 1 000 припадници на нејзините безбедносни сили во Косово поради зголеменото присуство на косовската полиција на север. На седницата ќе присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ, а по неа, тој ќе говори во емисијата „Четврток во 21 часот“ која се емитува на српскиот радиодифузен сервис во 21 часот.
Во меѓувреме, граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ на северот на Косово шести ден по ред се блокирани од страна на косовските Срби кои протестираат поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ, кој во моментов е во 30-дневен притвор.
Кризниот штаб во Косовска Митровица апелираше до граѓаните да истраат и да останат смирени.