Дојави за бомби утринава се стигнати во осум основни училишта во Општина Аеродром, во „Браќа Миладиновци“ во Куманово, како и во неколку скопски средни училишта
Дојави за бомби утринава има во сите осум основни училишта во Општина Аеродром, потврди за „360 степени“ градоначалникот Тимчо Муцунски. Освен во скопски Аеродром, дојави за поставени експлозивни направи се стигнати и во училишта во Куманово.
Учениците се евакуирани надвор од училишните згради, а родителите на децата од помалите одделенија се известени да дојдат од работа за да ги земат децата.

Како што дознава „360 степени“, во скопските средни училишта денеска дојави за поставени експлозивни направи има во „Владо Тасевски“, „Димитар Влахов“, „Орце Николов“.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“.
информираат од МВР.
Дојава за поставена бомба утрово има и во кумановските основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Бајрам Шабани“, средното техничко „Наце Буѓони“ и гимназијата „Сами Фрашери“, потврдија денеска вработените во училиштата.
„Екипите на СВР Куманово се на терен, учениците и наставниците безбедно се евакуирани“,
изјави за МИА директорката на училиштето Јасмина Спасовска.