Во телефонскиот разговор учествувале и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, информираат од Владата
Премиерот Димитар Ковачевски, вечерва разговарал телефонски со Дерек Шолет, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
Во телефонскиот разговор учествувале и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, информираат од Владата.
„Разговорот беше со фокус на стратешкото партнерство на Северна Македонија и САД и идната соработка и поддршка која ја имаме во насока на остварувањето на нашите стратешки цели. Се раговараше и на повеќе теми како што е справувањето на Владата со енергетската криза но и за инфраструктурните и енергетски проекти за кои Северна Македонија ќе има силна поддршка од САД. Меѓу останатото, тема на разговорот беше и развојот на Северна Македонија во делот на борбата против корупцијата и унапредување на владеењето на правото“,
соопштија од владата.
Во текот на разговорот, додаваат оттаму, било изразено взаемо задоволство од текот на скрининг процесот, а се разговарало и за забрзаната евроинтеграција на земјата како приоритетна стратешка цел на Северна Македонија, а со фокус на реформските процеси кои се случуваат како резултат на истата.
Претходно и претседателот Стево Пендаровски објави дека денеска телефонски разговарал со Дерек Шолет. Тие разговарале за евроинтегративните процеси на земјава, за борбата против организираниот криминал и корупција, како и за ситуацијата во регионот.
Советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шолет, требаше денеска, како што првично беше најавено од Стејт депратментот, да дојде во Скопје, но поради позитивен ковид тест, ја одложи посетата по Нова година.
Шолет во земјава требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.
Освен Северна Македонија, во програмата на Шолет беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија. Целта на посетите, како што информираа од Стејт департментот, е да се нагласи трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот.