Извештаите за наводно поставени бомби во црногорските училишта дошле од е-пошта под името Ричард Рамирез, а авторот се претставил како Владислав Поздњаков од руската екстремистичка група „Машка држава“
Дојавите за наводно подметнати експлозивни направи во училиштата во Црна Гора ги испратил малолетник, државјанин на Чешка, кој не е поврзан со Црна Гора, соопшти денеска црногорската полиција. Поради лажни дојави за бомби, во понеделникот и вторникот беа евакуирани основните и средните училишта во Црна Гора, по што црногорското Министерство за образование нареди образовните институции да одржуваат настава преку Интернет до крајот на неделата.
„Полициската управа ја информира јавноста, особено родителите на основците и средношколците, како и воспитувачите, кои беа директно засегнати од лажните пријави за бомби во училиштата низ Црна Гора во последните два дена, дека и овојпат успешно одговори на овој комплексен предизвик“,
се наведува во соопштението.
Во соопштението, црногорската полиција им се заблагодари на меѓународните партнери, особено на чешката полиција и на амбасадата на Чешката Република во Црна Гора.
Извештаите за наводно поставени бомби во црногорските училишта дошле од е-пошта под името Ричард Рамирез, а авторот се претставил како Владислав Поздњаков од руската екстремистичка група „Машка држава“.
Мејлот бил насловен „Сите ќе умрете“, а авторот се заканил дека со автоматска пушка во рацете се упатил кон едно подгоричко училиште.