Габровски од собраниската говорница изјави дека составот на владата предложен од него е составен од луѓе кои се експерти во областите што им се доделени и немаат јасна политичка определба

Кандидатот за премиер на Бугарија, предложен од ГЕРБ-СДС, Николај Габровски, пред народните избраници во парламентот го претстави својот предлог-кабинет. Тој во говорот направи обид да ја отвори, како што тој нарече, „вратата и патот за помирување и разум“.
„Денес Бугарија не е само на крстопат туку и пред бездна, а по кој пат ќе тргне денес зависи од нас овде и сега, од вас во оваа сала – дали ќе тргнеме по патот на одговорноста, разумот и волјата да ја надминеме претстојната катастрофа со заеднички напори или ќе останеме затворени во пазувите на популизмот, конфронтациите и теснопартиските интереси“,
рече кандидатот за премиер на Бугарија.
Тој додава дека негова желба е да се оттргне од тесната партија, од конфронтацијата, да премине на стручното, прагматичното, професионалното.
Габровски од собраниската говорница изјави дека составот на владата предложен од него е составен од луѓе кои се експерти во областите што им се доделени и немаат јасна политичка определба.
Тој рече дека ја презема одговорноста да се стави крај на последователни предвремени избори, да се врати довербата во институциите, како и дијалогот меѓу партиите.
„Ова е кабинетот што ви го претставив – од луѓе кои се професионалци без светла партиска боја, со искуство на сите нивоа во администрацијата, подготвени да работат ефикасно и целосно од првиот ден“,
посочи Габровски.
Според него ако се пропушти шансата за гласање за неговиот кабинет, Бугарија „ќе остане во рацете на заткулисни зделки… на предизборната реторика од 2023 година – избори по избори“.
Тој резимира дека наместо да се бори државата со должничката и економската криза, со безбедносната криза, со кризата на вредностите, па дури и со кризата на геополитичката ориентација, „ќе се фрлиме во бездната на серија вонредни парламентарни избори“.
Пратениците од бугарското Народно собрание денеска ќе гласаат за предлог-кандидатурата на Николај Габровски за премиер на државата и владата предложена од него. Денеска ќе стане јасно дали ќе има редовна влада со првиот мандат на најголемата пратеничка група ГЕРБ-СДС, објави БНТ.
Работата на бугарскиот парламент почна со 12 пратеници помалку, но иако во собраниската сала се пријавени 228 пратеници, обезбеден е потребниот кворум за гласање на владата.
За да се изгласа владата потребни се 50 проценти +1 од присутните во пленарната сала. Со пријавени 228 пратеници, кворумот е 114, што, како што пишуваат софиските медиуми, значи дека кабинетот ги има сите шанси да биде изгласан.
Целта е оваа влада е да ја води државата низ кризата.
Според јасно искажаните изјави, против тоа цврсто стојат четири партии – „Продолжуваме со промените“, „Демократска Бугарија“, БСП и „Преродба“.