Лажниот доктор од Вевчани со фалсификувани документи за завршен медицински факултет и лажна лиценца од Лекарската комора успеало да се вработи во болницата во Вевчани и четири години да ги „лекува“ жителите на општината
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против 33-годишниот И.К. од село Вевчани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“, „измама“ и „надрилекарство“.
Лажниот доктор од Вевчани со фалсификувани документи за завршен медицински факултет и лажна лиценца од Лекарската комора успеало да се вработи во болницата во Вевчани и четири години да ги „лекува“ жителите на општината.
Како што информираат од МВР, пријавениот изготвил три лажни исправи, фалсификат уверение за положени испити при Факултет за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, лиценца издадена од Лекарска Комора на РСМ и Уверение од Лекарска комора и ги употребил за вработување на работно место лекар во ЈЗУ Здравствен дом Вевчани.
„Делото го сторил во два наврати и кога за прв пат аплицирал за работа на јавен оглас од 05.09.2016 година, но не бил селектиран како кандидат за вработување и со аплицирањето од 04.10.2018 година, кога бил селектиран и вработен со Договор за вработување од 26.11.2018 година со одлука на Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани. Пријавениот, по основ на договорот за вработување во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 и претходно од 03.10.2016 до 26.11.2018, со склучени договори за дело, обавувал работни задачи на работно место – доктор на медицина, со што го нарушил угледот на болницата и ги оштетил буџетот на болницата и буџетот на РСМ, а за себе прибавил материјална корист во износ од околу 3.507.208 денари“,
се наведува во соопштението од МВР.
Дел од медиумите во октомври, годинава објавија дека 33-годишен жител на Вевчани работел како лекар во Здравствениот дом во општината иако немал завршено Медицински факултет. Според информациите на медиумите, тој бил апсолвент на Медицински факултет на еден од универзитетите во земјава.
Струшкото обвинителство дополнително, по испитувањето на случајот, дошло и до други сознанија и отворило уште два предмети, против директорот на болницата во Вевчани, како и за случај со две кандидатки кои незаконски биле вработени како лекари во здравствениот дом.
Имено, според информациите Обвинителството има индиции дека директорот на Здравствениот дом Вевчани од 2019 година имал одредени сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарската комора.
За ова тој бил писмено известен со допис од Лекарската комора.
„Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022 година. На овој начин, постојат индиции дека директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани сторил кривичнo делo – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“,
велат од Јавното обвинителство.