За денеска во Приштина е закажан владин состанок, по што ќе се види дали ќе има нови одлуки во врска со ситуацијата на северот од земјата. Воедно, проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан, како и ситуацијата на северот на Косово ќе бидат тема на денешната средба во Брисел на министрите за европски прашања на ЕУ
Србите што протестираат на северот на Косово поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ се уште ги блокираат премините „Брњак“ и „Јариње“. Реонот е блокиран и од косовската полиција, а преминувањето на граничните премини не е можно ниту пеш. Училиштата на северот на Косово ниту денеска нема да работат, пишува српскиот радиодифузен сервис РТС.
Според репортерот на РТС од терен, утрото на северот на Косово е мирно, иако тензиите се зголемуваат. Ситуацијата не е променета од синоќа, а протестот на Србите продолжува.
За денеска во Приштина е закажан владин состанок, по што ќе се види дали ќе има нови одлуки во врска со ситуацијата на северот од земјата.
Проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан како и ситуацијата на северот на Косово ќе бидат тема на денешната средба во Брисел на министрите за европски прашања на ЕУ.
Зголемените тензии меѓу Србија и Косово траат веќе неколку дена.
Барикадите на северот на Косово влегуваат во четврти ден, училиштата се затворени од понеделник, а притворот на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ, за чие апсење Србите ги поставија барикадите, е продолжен на 30 дена.
Во знак на поддршка на косовските Срби вчера неколку стотици луѓе се собраа на протест во Белград пред црквата „Свети Сава“. Насобраните, како што пренесе РСЕ, пееле песни за Косово и погрдни песни за Албанците во Косово. Тие извикувале „Срби и Руси се браќа засекогаш“, како и „Нема поделба, Косово е дел од Србија“. Пред Претседателството на Србија го запалиле и косовското знаме.