Според опозицијата, лажните дојави го парализираат системот и тоа покажува дека системот всушност не функционира. Од СДСМ, пак, велат дека земјава извесен период е цел на хибридни напади и тоа се случува и во регионот, па бараат ВМРО-ДПМНЕ да не меша дневна политика во ваквите случаи
Барање за оставка и повици да не се политизира случајот упатија денеска двете најголеми политички партии од власта и опозицијата откако и денеска десет училишта, Министерството за надворешни работи (МНР), Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, „Ист гејт мол“ и „Џевахир сити“ добија лажни дојави за бомби.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да си поднесе оставка бидејќи сметаат дека со лажните дојави се парализира системот.
„Кога не бркаат криминалци, кога даваат пасоши на белосветски криминалци, кога синови на помошници министри беснеат по скопските улици, кога им крадат оружје од полициските депоа, кога криминалци бркаат полицајци од станици, што уште треба да се случи за министерот Спасовски да си поднесе оставка. Постојат дојави за бомби кои го парализираат системот и тоа покажува дека системот не функционира“,
рече денеска Ивица Томовски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на прашање за коментар за лажните дојави.
Од СДСМ, пак, побараа опозициската партија да не тера политика и пласира дополнителна паника бидејќи дојавите за бомби, велат, се хибридни напади врз институциите.
„Дури и кога државните институции се цел на хибридни напади, а дојавите за бомби се токму тоа, ВМРО-ДПМНЕ не пропушта можност да меша дневна политика. ВМРО-ДПМНЕ до толку е во заложништво на Апасиев и Левица што станува поекстремна и поддржува хибридни напади. Северна Македонија веќе извесен период е цел на хибриди напади кои имаат цел да создадат паника и несигурност во јавноста, но такви напади се случуваат и во регионот а последен пример за тоа се денешните масовни дојави за бомби во Црна Гора“,
велат од СДСМ.
Од владејачката партија застануваат во одбрана на Спасовски велејќи дека МВР работи внимателно и професионално, според сите процедури, постапува кога ќе се добие некоја дојава. Паралелно, велат од СДСМ, МВР ги става сите свои капацитети во функција за лоцирање на виновниците за хибридните напади.