Согласно календарот за имунизација оваа вакцина се дава помеѓу 9 и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години
ХПВ-вакцината е една од најефикасните вакцини и има за цел да дејствува и да спречи развој на карцином на грлото на матката, но има релативно мал процент на вакцинирани девојчиња од различни причини, посочи на денешниот брифинг проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
„Карциномот на грлото на матката е еден од водечките кај женската популација на возраст од 15 до 45 години, а е втор по ред, веднаш по карциномот на дојка. Родителите ова сериозно треба да го имаат како информација со цел да донесат одлука дали ќе ги вакцинираат своите девојчиња или не“,
рече д-р Грозданова на брифингот поврзан со прашања околу набавка, чување и пристап до информации за вакцините, во организација на Македонскиот институт за медиуми и УНИЦЕФ..
Согласно календарот за имунизација оваа вакцина се дава помеѓу 9 и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години.
Причината зошто баш на оваа возраст е потребно девојчињата да ја примат вакцината, како што рече д-р Грозданова, е поради тоа што од имунолошки аспект е многу важно кога ќе се даде вакцината, но дополнително, оваа вакцина е асоцирана да се прими што е можно порано, односно пред девојките да стапат во сексуални односи.
„Оваа вакцина што во моментов е достапна кај нас е четиривалентна и заштитува од четирите најинвазивни серотипови, директно асоцирани со развој на рак на грло на матка. Има и нови вакцини со поголема валентност и очекувам во следните години да ги имаме и тие“,
додаде таа.