Станува збор за програмата „ЕУ за Преспа“ која е наменета за повеќе области и соработки важи за граѓаните од трите држави кои ги делат водите на Преспанското Eзеро
Преспа како уникатен екосистем со подеднакво уникатна геополитичка позиција која обединува три држави на југот на Балканот добива европски фонд тежок 18 милиони евра, пренесува „Цивил медиа“. Програмата ЕУ за Преспа е наменета за развој на инфраструктурата, заштита на човековата околина и богатиот биодиверзитет, земјоделството, туризмот и соработката на населението од трите држави кои ги делат водите на Преспанското езеро.
„ЕУ наскоро ќе ја зголеми финансиската помош во рамки на програмата на ЕУ за Преспа, главно таа ќе опфаќа неколку активности кои сметаме дека ќе започнат многу скоро. Овие активности опфаќаат отворање на границата и градежни работи за отворање на границата со Република Грција како и пречистителни станици за отпадните води и менаџирање со цврстиот отпад, како и други активности кои ЕУ ќе ги преземе за промоција на туризмот и животната средина како и помош за разни бизниси кои се активни во овој регион“,
изјави евроамбасадорот Дејвид Гир при неговата вчерашна посета на регионот.
Во рамки на вчерашната посета, како што објавија од Делегацијата на ЕУ во земјава, имал средби со претставници на локалната власт, граѓанскиот сектор, но и ученици.
„Амбасадорот Дејвид Гир имаше средби со градоначалникот Јован Тозиевски и Општинскиот совет. Ги посетивме и учениците во основното училиште ’Гоце Делчев‘ во Ресен, како и Домот на културата ’Драги Тозија‘, па имавме исклучителна можност да ја посетиме постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија. Неизбежна беше и неформална дружба со граѓанскиот сектор и дискусијата за наменската програма на ЕУ за преспанскиот регион ’ЕУ за Преспа‘ како и за огромните предизвици со кои се соочуваат производителите на јаболка“,
соопштија од Делегацијата на ЕУ.
За средбата се огласи и градоначалникот на Ресен, Тозиевски, кој наведе дека разговарале за состојбата во која се наоѓа преспанското јаболко и пласманот на пазарот, кој е клучен за просперитетот на Преспа.
„Продискутираме за ситуацијата со Преспанското јаболко при што беа кажани реалните проблеми на граѓаните на Ресен и Преспа за пласманот на нашето јаболко кое е клучот за просперитетот на Преспа, за заштитата на Преспанското Езеро, развојот и промоцијата на туризмот во Преспа, како и за проектот ’ЕУ за Преспа‘. Покрај тоа воедно беа претставени и проектите кои се реализирани со помош на Европската Унија, како што беше проектот зелен транспорт, кој проект е со прекугранична соработка со Р.Грција како и проектот за Патеката на светите води која исто така е завршена и пуштена во употреба. Во иднина се надеваме на уште поголема соработка и поддршка за реализирање на многу други проекти во рамките на програмите на Европската Унија“,
наведе Тозиевски.