По серијата стории на „360 степени“ дека владината Служба за општи и заеднички работи на диво изградила пристапна улица и ставила ограда и рампи за влез во нивниот објект во центарот на Скопје, летово дел од работите се поправија. Но пред неколку недели рампите повторно се вратија на старото место со тоа што надлежната Општина Центар сега не бара нивно отстранување
„360 степени“ во февруари годинава објави дека Владата изградила дивоградба. За бесправно градење во центарот на Скопје веќе имаше пријава против владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) и тоа за диво изградена улица и за дивопоставена ограда.
По пријавата од комшиите, градежен инспектор на Општина Центар констатираше дека оградата и рампите се поставени без одобрение, па СОЗР доби решение за нивно отстранување.
Директорот призна дека граделе спротивно на важечкиот Детален план, но не и дека се огрешил пред законот.
„Кога ќе дојде реализација на ДУП ние ќе ја тргнеме оградата и рампите, ќе ги вратиме онаму каде што се предвидени во проектот“,
рече Пеце Мирчевски – директор на Служба за општи и заеднички работи (1 февруари 2022г.).
Набрзо, рушење на оградите и рампите најави лично градоначалникот на Општина Центар.
„Временски тоа би значело отприлика месец дена, отприлика до кај март, да се спроведе цела постапка за рушење, доколку во меѓувреме, СОЗР не ги отстрани рампите“,
рече Горан Герасимовски – градоначалник на Општина Центар (14 февруари 2022г.).
И покрај најавата, рампите и оградата беа отстранети не во март, не во април, не во мај, туку во јуни.
Ни тоа не траеше долго бидејќи деновиве, наспроти сите решенија и ветувања, незаконските рампи се вратија. Од СОЗР признаваат дека ги ставиле тие, но сега имаат друго оправдување.
КАКО И ЗОШТО СОЗР ГИ ВРАТИЛЕ РАМПИТЕ?

Ова е зградата во која е сместена и со која управува владината Служба за општи и заеднички работи или СОЗР. Пред неа е дивиот влез што од булеварот „Филип Втори Македонски“ води во уличка што завршува во подземната гаража на зградата.
На хартија, според Деталниот урбанистички план за оваа локација, пристапот до зградата на СОЗР е од т.н. Адвокатска улица. Во реалноста, пак, влезот и натаму е од другата страна. Спротивно на законот, изградена е уличка која преку тротоарот за пешаци излегува на булеварот. Дивопоставената ограда сега ја нема, но пристапот повторно е ограничен со рампи.

Градоначалникиот на Центар, Горан Герасимовски, уште во април годинава за „360 степени“ најави дека проблемот ќе се реши со планираната реконструкција на Адвокатска улица. На тој начин, пристапот кон СОЗР не би бил преку дивоизградена улица од булеварот, туку од другата страна.
„Разговарано е многупати и со директорот на СОЗР, како што и со нашите инспекциски служби, таму имаме добиено средства од ТАВ, ќе се прави улицата, брзаме што побрзо да ја отпочнеме, продолжува на делот што го има СОЗР и асфалтирано и со отпочнување на улицата, ќе се отстрани и оградата којашто е поставена од СОЗР“,
re;e Горан Герасимовски – градоначалник на Општина Центар (19 април 2022г.).
Речиси осум месеци подоцна од оваа изјава на Герасимовски, дојде време за реконструкцијата на адвокатска улица. Но, според она што може да се види на терен, не се гради пристап до зградата на СОЗР согласно Деталниот план.

На терен Адвокатска улица е на пониско ниво, а колку повисоко е издигната спорната уличка што води кон подземната гаража на СОЗР. Очигледно е дека на пристап од овде, како што предвидува Деталниот урбанистички план, барем засега не се работи. Дека спорната уличка во оваа фаза не е предмет на поврзување со адвокатска улица за „360 степени“ во телефонски разговор потврди и изведувачот – „Вардар Градба“.
Но, иако на терен не се прави пристап кон зградата на СОЗР, како што предвидува Деталниот план, владината институција ја искористила реконструкцијата за да си ги врати рампите на дивиот влез.
Велат дека постапиле врз основа на Одобрение за измена на режимот на сообраќај од Град Скопје.
„Дополнително, од страна на изведувачот на работите кои се предмет на напреднаведеното Одобрение за градба, ТДППИ ВАРДАР ГРАДБА ДОО с. Трубарево – Скопје, до Службата е доставено Известување од 18.10.2022 година, во кое сме известени дека заради реализација на реконструкцијата на ‘Адвокатската уличка’, во чиј сколоп влегува и предметната сервисна улица број 3, имаат добиено Одобрение за промена на режим на сообраќајот од надлежната институција – Град Скопје, согласно кој режим, предметните улици меѓу кои и сервисната улица број 3 ќе бидат затворени и нема да има услови за користење на истите додека трае изведувањето на работите, од која причина заради безбедност на сообраќајот укажуваат за превземање на потребни активности за овозможување на безбеден пристап до објектот“,
велат од СОЗР.
Освен дозвола од Град Скопје, тврдат од СОЗР, сега има Известување и Одобрение за градба за рампата и од Општина Центар.
Па, побаравме објаснување во локалната самоуправа – зошто ги издале овие документи и како тие можат да бидат основа за враќање на рампите на улица што ја нема во ДУП-от?
Одговорот не го добивме во форма на интервју, како што баравме, туку како писмен став во кој општината се повикува на МВР.
„Согласно Решението издадено од Министерство за внатрешни работи за измена на режим на сообраќај, истите се поставени на локации каде што Член 2 Став 2 од Одобрението за измена на сообраќаен режим вели: „При изведување на градежните работи изведувачот е должен да обезбеди нормален и безбеден сообраќај за сите учесници во сообраќајот“. Од тој аспект, општината се грижи за сите учесници во сообраќајот и за истата улица преземени се сите безбедносни мерки, со што не се доведува во опасност животот на учесниците во сообраќајот“,
велат од Општина Центар.
Иако на терен не изгледа дека адвокатска улица ќе се поврзе со објектот на СОЗР, како што предвидува Деталниот план, од Општина Центар посочуваат дека улицата се гради согласно ДУП-от. Но, во писмениот одговор, нема наведено кога би се поврзале двете улици.

Дотогаш останува овој, на некој начин, времено легализиран див влез во зградата на СОЗР во која има повеќе државни институции. А останува и прашањето – каква порака кон граѓаните испраќаат државните институции кога и самите поставуваат па отстрануваат, градат на диво па привремено легализираат.