Министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека врз членовите Историската Комисија нема политички притисок. Тој вели дека ретко комуницира со нив, за темите на дневен ред дознава од медиумите, а МНР само им пружа логистичка поддршка за работење.
„Комисијата сигурно не е под политички притисок. Дали има притисок од јавноста, кој може тоа да го мери? Верувам дека го имаат тој притисок. Ретко комуницирам со нив во последно време, само за да не го чувствуваат тоа како влијание. Сум им кажал – ги имате сите можни предуслови, работете по сопствено убедување, јас сум тука за логистичка поддршка, за услови за работа. Верувајте дека јас од медиумите дознавам што е тема на дневен ред на Комисијата“,
кажа Османи на денешниот брифинг на новинарски прашања поврзани со работата на Комисијата и спорот со Бугарија.
Во однос на спорот со Бугарија, Османи оцени дека односите се одвиваат во рамките на очекувањата.
„Полека им ја преземаме агендата на провокаторите, на оние што сакаат лоши односи. Со Бугарија треба внимателно. Имаме формирано работни групи, тие работат, се разбира, фактот што таму нема политичка влада ни создава потешкотии“,
кажа Османи.
Тој посочи и дека регулативите и директивите за влез во Европската Унија ќе останат фиксни, без разлика на тоа кој е на власт во земјава. Единствена разлика, смета Османи, може да се направи само околу динамиката на преговори.