Не смееме ова да го оставиме настрана. Ова е дамка за нашата репутација, која што ја изградивме тешко сиви овие години, посебно во поседните години, вели шефот на дипломатијата
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи го оцени скандалот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот Украинец, Олександр Онишченко како тежок удар и голема дамка за земјава.

Тој, ова го истакна во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, додавајќи дека од скандалот земјава може да излезе посилна.
Сепак, министерот за надворешни нагласи дека случајот со Онишченко, кој е на црната листа на САД, не смее да се остави настрана.
„Не смееме ова да го оставиме настрана. Ова е дамка за нашата репутација, која што ја изградивме тешко сиви овие години, посебно во поседните години“,
рече Османи.
Владата кон крајот на ноември донесе одлука да започне активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за Онишченко согласно членот 14 од Законот за државјанство.
Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на која директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски информираше за случајот.
Претходно директорот на АНБ за случајот реферираше пред Комисијата за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, седница која сè уште не е завршена, бидејќи беше прекината поради безбедносен пропуст на јутјуб каналот на Собранието каде во живо одеше аудио на дел од излагањето на Димовски.
Директорот на АНБ тогаш пред медиумите изјави дека по интерната проверка што ја спроведе Агенцијата за национална безбедност (АНБ), било утврдено дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење за издавање македонско државјанство на Онишченко.
