Со позитивната одлука на Уставен се овозможува користењето на правото на паричен надоместок заради попреченост на еднаков основ на сите лица со попреченост без разлика на возраста, сметаат од Институтот за човекови права од каде и ја поведоа иницијативата
Уставниот суд ја укина законската одредба од Законот за социјална заштита со која се оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.
Станува збор за укинување на одредбата „најдоцна до 65-годишна возраст“, која беше дел од членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита.
„Судот одлучи да ја укине оваа оспорена одредба бидејќи со неа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните. Оваа одредба е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а е опфатена во членот 8 од Уставот“,
вели портпаролката на Уставен, Христина Беловска.
Иницијативата за испитување на уставноста на оваа одредба во 2020 година ја поднесе Институтот за човекови права (ИЧП). Откако ја поднесе иницијативата, Уставен на 17 ноември лани донесе решение да поведе постапка, а денеска одлучи и да ја укине.
„Со позитивната одлука по иницијативата на ИЧП се овозможува користењето на правото на паричен надоместок заради попреченост на еднаков основ на сите лица со попреченост без разлика на возраста“,
велат од Институтот.
Одредбата со која се оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок, потсетуваат од ИЧП, создаваше разлики помеѓу лицата со попреченост по основ на возраста, која предизвикува нееднакви можности од пристап до правата од сферата на социјалната заштита.
„Конкретно нееднакви можности до пристап до правото на паричниот надоместок заради попреченост, а со тоа и нееднакви можности во поглед на користењето на самиот надоместок, независно од тоа што и едните и другите се наоѓале во иста ситуација на попреченост од член 44 став 2 од Законот“, велат од ИЧП.