Целата состојба треба да се провери. Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност за злоупотреби во иднина, вели министерот за правда

Министерот за правда Никола Тупанчески не сака да коментира дали на Барлет Џафери, синот на Талат Џафери, треба да му се одземе предвреме положениот правосудниот испит, но вели дека целата состојба треба да се провери.
„Доколку навистина постојат случаи кои се граничат со примената на законот, тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери. Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина“,
рече Тупанчески одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на првата дигитална судница во КПУ „Идризово“.
Министерот Тупанчески посочи дека станува збор за три законски акти од Законот за правосуден испит донесен во 2013 година. Измените и дополнувањата се направени во 2015 година, а во 2019 година е донесен нов Закон за правосуден испит.
„Она што мене ми се допаѓа или она што е во ред е дека некој констатирал оти постојат прешироки дискрециони овластувања и реагирал за тоа да не се остави во иднина. Членот 4 од новиот закон за правосуден испит експлицитно забранува да се полага правосуден испит предвремено. Секогаш сум бил приврзаник ако постои какво и да е дискреционо овластување да биде под сериозен надзор или контрола и да има критериуми кои ќе го обврзуваат службеното лице да не може да го толкува законот како што го замислил. Веројатно треба, не министерот за правда туку надлежните институции, државниот просветен инспекторат, ако постојат случаи што се граничат со законот, би требало да реагираат“,
рече Тупанчески.
За случајот со предвреме положените правосудни испити, за кои Државната комисија за спречување на корупција изминатиот период алармираше, адвокатот Љубомир Михајловски вели дека со закон е пропишано времето и начинот како тој се полага.
„За полагање правосуден испит и понатаму за добивање разни лиценца за адвокат, има строго пропишани законски норми каде што секој мора да ги почитува тие законски норми. Не само тој што ги бара и дава. Не постои шанса, можност, некој индивидуално да решава дали некој може да се стекне со право да полага правосуден или не. Со закон се строго пропишани време, начин како се полага. После завршување на правниот факултет, мора да стажирате, на пример, кај адвокат една година, па да секнете право да полагате правосуден. Значи не е само факултет да завршите и да полагате правосуден, мора да имате и стаж претходно“,
објаснува Михајловски.
Денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, рече дека Комисијата му препорачала на Министерството за правда да има регистар на положени правосудни испити.
Според неа, дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката. Затоа, додаде Ивановска, нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење и за покажување.