Земјава бара пренасочување на средствата од ИПА-фондовите за да може да ги користи во борбата против корновирусот, информира шефот на дипломатијата Никола Димитров на денешната прес-конференција.
Тој објави дека пред 2-3 дена е упатено писмо до еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, синоќа разменил пораки и со Кристијан Даниелсон од тој Генерален директорат, а се разговара, како што рече, и со многу земји членки.
Тоа било тема и на средбата на премиерот Оливер Спасовски со евроамбасадорот Самуел Жбогар.
„Бараме пренасочување од ИПА-фондовите за да можеме да ги користиме во борбата против корновирусот. Ние за годинава, беше најавено, добивме 50 милиони евра награда за реформските постигнувања, има осум милиони евра од минатата година и правиме напори овие средства да можеме да ги користиме во оваа кризна ситуација и истовремено правиме спецификации на медицинска опрема до сите пријатели – земји членки и НАТО сојузници“,
рече министерот Димитров.
Во однос на помошта од ЕУ за Србија од седум милиони евра, министерот Димитров рече дека ќе има помош за целиот регион. Појасни дека кај Србија се работи за договор што тамошната делегација го имала со УНДП и средствата се пренасочени за борба против коронавирусот.
„Ние сме во постојана комуникација, имаме испратено барања. Вчера меѓу другото и во тој контекст имав размена на пораки со комесарот и со други претставници на ЕК и ЕУ. Целиот регион ќе биде вклучен, бидејќи географски сме во рамки на ЕУ“,
истакна министерот Димитров.