Костадин Костадинов од Предодба, вчера при отворањето на Бугарскиот културен центар во Скопје рече дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“
Премиерот Димитар Ковачевски ја осуди вчерашната изјава на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија Преродба, Костадин Костадинов кој при отворањето на Бугарскиот културен центар во Скопје рече дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“.
„Министерството за надворешни работи веднаш реагираше, а исто така и министерката за култура тоа го осуди. Исто така и јас сакам да го осудам. Навистина непримерно е човек којшто е дојден како гостин во оваа држава да се однесува на таков начин. Вчера ние имавме чин на отворање на Бугарски културен центар така како што личи во Скопје со министер за култура дојден, со нашиот министер за култура, на ист начин како што сум кажал дека и ние ќе отвориме Македонски културен центар во Благоевград каков што имаме отворено и во Софија“,
рече Ковачевски при денешната посета на фабриката „Брилијант“ во Штип.
Тој додаде дека такви политичари воопшто не се пожелни во нашата држава.
„Такви политичари како тој вчера, има уште еден којшто мене видеа ми правеше, можам слободно да кажам дека воопшто не се пожелни во нашата држава бидејќи освен ширење на немир, освен ширење на нетрпение помеѓу граѓаните на двете држави само заради свој политички интерес, бидејќи немаат никаква друга политичка агенда освен да добиваат некакви ситни политички поени на провокација на чувствата на нашите граѓани, такви политичари воопшто не се пожелни лично за мене во нашата држава и воопшто не мора да доаѓаат тука“,
нагласи Ковачевски.
Костадинов вчера во Скопје присуствуваше на отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија, на кој од бугарската влада како претставник беше министерот за култура Велислав Минеков, а од македонска министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во коментар за изјавите дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“, рече дека таквите изјави се најмалку европски и дека воопшто не одат во прилог на настан како вчерашниот.