За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот
Ангелина Петкова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска преку соопштение информираше дека директорката на градинка во Гевгелија се обидела да прикрие насилство врз 10-месечно бебе згрижено во установата.
„Елизабета Стефановска, поставена од министерката Јована Тренчовска молчи и го крие инцидентот. Во вторникот, 22.11.2022 година, во детската градинка „Цветови” во Гевгелија се случил брутален инцидент: 10 месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со констатирани тешки телесни повреди и хематом на главата. Директорката на градинката се обидела да го прикрие скандалот, наместо да преземе дејствија за санкционирање и да го пријави случајот во полициската станица во Гевгелија. Случајот ден потоа во полиција го пријавил родителот на бебето“,
соопшти Петкова.
Според неа, ова е втор инцидент поврзан со дете со големи повреди во мандатот на истата директорка.
Од градинката, пак, ги демантираа ваквите информации нагласувајќи дека станувало збор за детска игра во малата група во клон „Цветови“ каде настанале гребаници на едно од згрижените дечиња, информира ТВ 24.
„Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата“,
реагираат од градинката во Гевгелија.
Оттаму не објаснуваат како точно се повредило детето.
Случајот денеска беше забележан и во полицискиот билтен.
„На 24.11.2022 година во Полициската станица Гевгелија, Т.Н. (24) од село Брајковци, валандовско, пријавил дека на 22.11.2022, во периодот од 07:00 часот до 14:45 часот, во градинка во Гевгелија, вработените ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување на децата, оставајќи ги подолг период без надзор, при што неговата 10-месечна ќерка се здобила со повреди. Како што е пријавено, за ова вработените не го известиле него, ниту пак детето го однеле во медицинска установа за укажување помош“,
се вели во полициското соопштение.
За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот.