Катерина Спасовска, инфектолог од Клиниката за инфективни болести во дебата на „360 Степени“ зборуваше за лекувањето на пациентите заразени со новиот коронавирус, Ковид-19.
„Има препораки коишто се од СЗО, за менаџмент на пациенти со Ковид-19, препораки и протоколи кои и ние ги следиме. Имајте во предвид дека се работи за нова инфекција. Клиничарите имаат и досега искуство со коронавирусни инфекции, па и во епидемиски размери, ако се сеќавате во 2003 година САРС инфекција, потоа 2012 МЕРС, кадешто одредени антивирусни препарати се користени и коишто покажале ефект општо врз коронавирусната инфекција. Оваа болест Ковид-19 е нова. Во експериментални фази се одредени антивирусни препарати коишто би можеле и покажуваат ефект спрема овој новел коронавирус… тој е Клорокинот и одредена група на антивирусни лекови коишто до сега беа користени кај пациентите со ХИВ инфекција – тука спаѓа познатата Калетра, уште еден препарат антивирусен којшто се користел кај пациенти со Ебола, тој е Ремдесвир. Тие треба да влезат во стандардниот протокол на СЗО за да би можеле да ги користиме. Она што е важно е дека овие лекови се применуваат кај пациентите само со тешка форма на болест“,
рече Спасовска.
Таа сепак потенцираше дека повеќето од случаите ќе имаат лесна клиничка слика каде е доволна само симптоматска супортивна терапија за олеснување на симптомите.
Спасовска рече дека пациентката од Дебар која е во најлоша состојба на клиниката и е на респиратор, се третира и со Тамифлу.