Тој отфрла вмешаност на политика и тврди дека станува збор само за барање за исплата на долговите. Ние политички се вмешавме, рече тој, кога ѝ ја дадовме поддршката на Данела и првпат приватните превозници се дрзнаа да му дадат поддршка на некој што политички се кандидира

Директорот на приватните превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вели дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е погрешно информирана од службите во врска со нивните барања и долговите на ЈСП кон нив и затоа бараат средба лично со неа за да може да се најде решение.
Ваквата изјава доаѓа откако вчера приватните превозници одржаа средба со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, а градоначалничката на прес-конференција потоа излезе со тврдења дека повеќе одредби од договорите со нив не биле почитувани.
Јовановски не ги спори вчерашните информации за исплатени пари од ЈСП кон „Слобода превоз“ изминатите шест месеци што ги презентираше Арсовска, но вели дека останатиот долг е тука и кон нив изнесува над 61 800 000 денари, додека кон приватниот превозник „Макекспрес“ е над 30 милиони денари.
Она што им должи ЈСП на „Слобода превоз“, рече Ленин, се исплати за месеците септември и октомври и дел за август којшто делумно е исплатен. Затоа, посочи, биле земани кредити за да се исплатат плати и да се покријат другите трошоци изминатиот период.
„Не бараме веднаш исплата на целиот голем долг, туку да имаме редовни уплати за да може да се извршуваат редовните работи, да има нафта во автобусите“,
рече денеска Јовановски.
Тој на прес-конференција објави дека приватните превозници официјално стапуваат во штрајк, а за следните чекори рече ќе се одлучува дополнително, но напомена дека возачи размислуваат и за блокади на улици. Кажа и дека размислуваат за тужба кон ЈСП бидејќи тврдат дека биле од раководството биле злоупотребени средствата што биле наменети за приватните превозници.
Исто така, ги демантираше вчерашните обвинувања од Арсовска, која меѓу другото ги обвини и дека не им издаваат фискални сметки на патниците и ја повика УЈП да реагира.
„Она што е многу важно да се спомене за да нема забуни во јавноста и на оние што ги користат нашите услуги е да демантираме дека не се фискализирани и дека билетите не се издава фискална сметка. Фискалните печатачи во автобусите и приватните автобуси и ЈСП не се во функција, ниту тие ниту ние може да издаваме фискални сметки. Втор факт е дека никој до приватните автобуси не продава билети бидејќи никој нема задолжено билети за да може да ги продава и зема пари“,
рече Јовановски.
За хигиената во автобусите, пак, кажа дека она што може да го прават е сите возила во сообраќај да се пуштат чисти за што побара и соодветни контроли со цел да се докаже дека е така. Меѓутоа, рече Јовановски, возачите не може да контролираат дали патниците ќе влезат потоа во автобусот со чевли со кал, дали ќе фрлаат отпадоци итн.
„Може да имало поплаки за одредени автобуси, но не знам зошто тоа се префрла на приватните превозници кога ние сме единствен систем и тоа може да е општа поплака. Зошто? Затоа што во изминатите шест години немаме ниту една поплака и сега кога се побараа парите да се прави тоа е некоректно“,
рече Јовановски.
Пред новинарите тој зборуваше и за сомнежите од Арсовска дека причината за целата оваа побуна од приватните автобуси е што тие ќе треба да го обноват возниот парк со тоа што автобусите ќе им бидат со минимум еколошки стандард еуро4.
Кажа дека тоа не е точно и оти веќе имаат обновено 46 автобуси кои се со стандард еуро4, еуро5 или електрични. За начинот како треба да се постапува, според него, тука е практиката во европските земји каде годишни се обновува 10 проценти од возниот парк.
Јовановски јавно се пожали и на притисоци бидејќи како што тврди, денеска две инспекциски служби влегле во „Слобода превоз“ и прават записници. Ваквото постапување тој го нарече користење „удбашки методи“ и порача дека евентуалните казни нема да ги заплашат.
За обвинувањата за политички инсинуирани протести и штрајкови, пак, кажа дека тука станува збор за егзистенцијални прашања, за акумулирани долгови и нема никаква вмешаност во политиката. Ние политички се вмешавме, рече тој, кога ја дадовме поддршката на Данела и за првпат приватните превозници се дрзнаа да дадат поддршка на некој што политички се кандидира.
Превозниците од „Слобода превоз“ од вчера не возат на линиите што досега ги држеа: 9, 12, 22, 23 и 45, а од крајот на октомври не сообраќаат ниту тие на „Макеспрес“ на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Од Град Скопје, пак, тврдат дека нема застој и автобусите на ЈСП ги покриваат и овие линии.