Приложувајќи на сметката за вода како доказ, пратеникот Драган Ковачки кажа дека водомерот на тој објект се води на име на Љупчо Петровски, за кого пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели оти е татко на министерката за одбрана. Од оваа сметка, додаде тој, се гледа дека семејството Петровски ја користи луксузната хациенда како свое живеалиште или еден од објектите
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, денеска на прес-конференција објави сметка за вода од куќата со базен, за која тврди оти е имот што министерката за одбрана Славјанка Петровска го крие.
Приложувајќи на сметката за вода како доказ, Ковачки кажа дека водомерот на тој објект се води на име на Љупчо Петровски, за кого пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели оти е татко на министерката за одбрана.

„Од оваа сметка се гледа дека семејството Петровски ја користи луксузната хациенда како свое живеалиште или еден од објектите во кои тие престојуваат. Адресата на хациендата со базен на Славјанка Петровска е и адресата која според нашите сознанија е место на живеење по лична карта на министерката. Ако таа тврди дека не е така, нека ја покаже личната карта на увид на јавноста“,
вели Ковачки и додава оти на последните избори министерката Петровска гласала на избирачкото место на кое гласаат жителите од реонот во кој се наоѓа куќата со базен.
Во своето обраќање, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на министерката Петровска да не бега од одговорност и да си даде оставка од функцијата, оти како што кажа, личност која крие имот, кој во исто време е дивоградба, не смее да извршува таква одговорна функција.
„Истовремено ги повикуваме институциите да отворат постапка за Петровска. Одговорност мора да има. И политичка и кривична“,
додаде Ковачки.
Минатата недела пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, објави фотографии за кои тврдеше дека се од луксузна хациенда со базен во скопската населба Радишани, а која, како што кажа, министерката за одбрана Славјанка Петровска ја крие од јавноста.
По неговата изјава, министерката за одбрана ги демантираше тврдењата на Ковачки, нарекувајќи ги лаги и манипулации. Петровска рече оти единствено што поседувала е плац кој, како што истакна, со уредно склучени договори за купопродажба е отуѓен, односно продаден пред повеќе од 10 години.