Обвинителите треба да кажат дали изборот за шеф на ОЈО ГОКК е направен според сите стандарди и принципи на добро владеење. Тоа може го кажат самите обвинители или оние институции, вклучително и меѓународни, кои учествувале во спроведувањето на реформите на обвинителскиот систем во државата, смета премиерот

Мора да бидам искрен дека се согласувам со изјавата на американската амбасада која се однесуваше околу изборот на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. И како претседател на Владата и како Влада ние немавме никаков удел во изборот на шеф на ОЈО ГОКК, со оглед на тоа што се работеше за непосреден избор во фелата. Како бил направен изборот може да ви кажат обвинителите, вели премиерот Димитар Ковачевски.
„Обвинителите треба да кажат дали изборот за шеф на ОЈО ГОКК е направен според сите стандарди и според сите принципи на добро владеење. Тоа може го кажат самите обвинители или оние институции, вклучително и меѓународни институции, кои учествувале во спроведувањето на реформите на обвинителскиот систем во државата. Сметам дека на тој систем му се потребни уште реформи и унапредување. Ќе ви кажам еден податок дека правосудниот систем во државата има кредибилитет од 8 отсто. Сметам дека дека пред нив има огромна работа и треба да покажат дека можат граѓаните и институциите да веруваат во тој систем“,
вели Ковачевски.
Одговорот на премиерот доаѓа по поставено новинарско прашање за неговиот коментар околу изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер за „360 степени“ во која вели дека САД се збунети од изборот на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Американската амбасадорка Агелер порача дека за нив резултатот од изборите е збунувачки, особено, како што вели, откако во изминатите години потрошиле милиони долари на обуки на обвинители и на други во правосудниот систем.
Викендов новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, не сакаше да го коментира ставот на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која го критикуваше неговиот избор.
Откако американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер рече дека САД се збунети од изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и првиот вицепремиер Артан Груби рекоа дека е неопходно да се спроведе општ ветинг во обвинителството, судството и политиката.
Шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, пак, Бујар Османи, рече дека не може да ја коментира изјавата на амбасадорката Агелер затоа што обвинителството и Владата се посебни власти.
Реакциите од меѓународната заедница за изборот на Абази беа една од темите и во петочното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.