Членовите на Советот одлучија да го одложат распишувањето оглас за избор на обвинители за ОЈО ГОКК за некоја од наредните седници, предлог што го дадоа двајца од нив, а го поддржаа сите седуммина. Тие сакаат да ги разгледаат состојбите бидејќи во меѓувреме во ова обвинителство има десет редовни обвинители, како и три обвинителки кои се упатени таму. Дел од членовите сакаат да слушнат и од новиот шеф Ислам Абази дали и колкаво засилување е потребно

Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе заклучок да го оддолжи распишувањето на нов оглас за четворица обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според дискусијата на денешната седница, во Советот има спротивставени ставови кога треба да се засили тимот што од минатата недела го предводи новиот шеф Ислам Абази, но и дали воопшто треба да се распише оглас.
Во ова обвинителство во моментов има 10 редовни обвинители, плус Абази, како и уште три обвинителки кои се упатени на работа таму со одлука на републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Две од упатените се Маја Конеска и Милица Гаврилова, кои беа дел од ОЈО ГОКК, но мандатот им истече. Другата упатена е Елизабета Јосифоска, која беше дел од СЈО, а во моментов е обвинителка во ОЈО Гостивар.
Трите обвинителки, заедно со уште тројца нивни колеги, се пријавија на претходниот оглас за четири места во ОЈО ГОКК, но никој не доби доволни гласови и огласот пропадна.
На денешната седница на Советот, наместо да се распише нов, членовите одлучија точката да ја поместат на некоја од наредните седници.
Членот Коле Штерјев рече дека во ова обвинителство сега има „малку непријатна состојба“ бидејќи откако пропадна огласот две од обвинителките што не беа избрани (Маја Конеска и Милица Гаврилова) биле упатени на работа таму. Затоа, предложи тој, подобро е да се одложи распишувањето на оглас за да се види состојбата, па потоа да се одлучи.
Во дискусијата се вклучи и Иџет Мемети, кој рече дека за него не е проблем што има упатени обвинителки бидејќи истите може и да се вратат во матичните, но и тој смета дека одложувањето на распишување оглас е добро.
„Не е проблем дека се упатени две обвинителки, можеби е замерка зошто Советот не е информиран за тоа. Втора работа е што ние сега не можеме да имаме точна информација зошто се упатени. Дали е проблемот недостатокот на кадар во ОЈО ГОКК или е нешто друга. Ние денеска не сме во состојба тоа да го расчистиме. Друга работа е што ние имавме веќе оглас за четири места, не избравме ниту еден обвинител од причина што таму има десет обвинители и јас мислам дека се доволно во број. Оваа точка (распишување оглас) може да се одложи и да се разговара за ова во присуство на обвинителот (Љубомир Јовески) и на шефот на ОЈО ГОКК (Ислам Абази) за да добиеме повеќе информации за тоа што ќе го предложиме и ќе го гласаме“,
рече Мемети.
Претседателот на Советот, Антонио Јолевски, пак, коментирајќи го тоа што на претходниот оглас не биле избрани обвинители поради немање Бадентер, рече дека тој не гласа по таков систем и како претседател не може да бара отчет од другите членови зошто и како гласале. За тоа што две од обвинителките на кои им истече мандатот и не беа избрани на претходниот оглас, се упатени на работа во ОЈО ГОКК, пак, кажа дека на седницата дознал оти добиле упатување. На констатацијата од новинарите како тие се упатени таму на работа ако претходно Советот не ги избрал за нов мандат бидејќи не сметал дека се добри, Јолевски рече дека негово мислење е оти тоа не е во ред.

„Еве, денес разбрав дека се вратени, ни ова не го знаев. Јас лично немам сознанија, членот на Советот кажа. Лично за мене не е во ред да бидат вратени оние што сме ги избрале. Ако се вратени, тогаш е прескокнат Советот. Како и да е, немаме тука овластување ниту можеме да вршиме влијае врз јавниот обвинител кој ја има таа надлежност. Порано тоа беше регулирано со Законот за Совет дека ние го вршиме упатувањето, но ни ја одзедоа таа надлежност со новиот Закон за јавното обвинителство. Тоа многу пати го имам спомнато, и тоа малку овластување кое го имавме, ни го ускратија“,
рече Јолевски во изјава за медиумите.
На прашање, пак, дали Советот го дели ставот на Мемети дека има доволно обвинители во ОЈО ГОКК, претседателот рече дека треба да се преиспита дали и со колку обвинители треба да се пополни тимот. Таму, додаде тој, е и одделот за кривични дела од полицијата кој има многу малку работа, а во него се ангажирани тројца обвинители.
„Ние, ценејќи ги извештаите, утврдивме дека прво полицискиот оддел работи многу малку, нема многу предмети – околу 90 годишно, а се тројца обвинители. Има обвинители што добиваат 30 предмети месечно, а овие ги имаат годишно толку. Затоа и спомнавме, во другите обвинителства сам обвинител работи по многубројни предмети во споредба со организиран. Значи, треба малку да се изменаџира, да видиме дали е до менаџирањето или треба плус обвинители. Сепак, тие имаат специфични тешки предмети, па еден предмет таму може еден да вреди колку 50 други“,
вели претседателот на Советот.
Јолевски додаде и оти за предметите кои беа надлежност на СЈО, а сега се во рацете на ОЈО ГОКК, исто така, од помош се обвинителите кои беа дел од Специјалното обвинителство бидејќи истите обвинители, без разлика каде работат сега, продолжија да си ги застапуваат случаите.
Тој кажа дека за тоа дали и колку обвинители ќе бидат потребни, новиот шеф Абази може да каже само делумно бидејќи и него ќе му треба време да се вклопи, па затоа најдобро ќе кажат месените извештаи за работата на обвинителите.
Покрај распишувањето оглас, на дневен ред на денешната седница беше и избор на шефови на вишите обвинителства во Скопје и Гостивар и на основните во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци и Куманово. Меѓутоа, седницата се одложи бидејќи го немаше потребниот кворум од осум членови. Советот во моментов функционира токму со осум, со оглед дека на двајца им истече мандатот, а еден си поднесе оставка. Меѓутоа, од денешната седница отсутен беше републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој членува по функција. Тој, како што беше кажано, е отсутен бидејќи од петокот бил задржан на лекување.