Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за изградба и реконструкција на студентски домови за 31 отсто и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови за дури 46 отсто, велат од „Студентски отпор“
„Студентскиот отпор“ денеска преку соопштение упати апел до сите пратенички групи во Собранието денеска како последен ден за поднесување на амандмани на Буџетот за 2023 година да излезат во пресрет на студентите и да се зголемат парите предвидени за нив ов Министерството за образование и наука.
„Имено, во предлог-буџетот за 2023 година забележуваме значително намалување и тоа во ставката наменета за ученички стандард за 19,72 отсто, ставката за студентски стандард е намалена за 17,96 отсто, ставката наменета за наука намалена за 30,87 отсто и ставката наменета за инвестиции во образованието е намалена за 17,24 отсто. Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за изградба и реконструкција на студентски домови за 31 отсто и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови за дури 46 отсто“,
се наведува во соопштението.
Од „Студентски отпор“ бараат пратеничките групи да поднесат амандмани со кои се предвидува зголемување на овие ставки и да се престане со штедење и намалување на средства кои се директно на штета на младите луѓе.
„Со зголемување на средствата бараме зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и задржување на постојните критериуми, но исто така бараме во студентските домови да има повисок квалитет на храна и лифтовите да работат во текот на целиот ден. Во делот на инвестициите во образованието бараме да се предвидат средства за реконструкција на сите студентски домови“,
велат од „Студентски отпор“.
Само во овие три програми – студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието, додаваат, Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку во Буџетот за 2022 година.
„Уште еднаш ги замолуваме пратениците да поднесат амандмани за зголемување на овие ставки за доброто на младите кои се иднината на секоја држава“,
порачуваат од Студентски отпор.
Студентите во четвртокот, по повод 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите, маршираа од пред Владата до зградата каде што е сместено Министерството за образование и наука каде симболично оставија жолти ливчиња со пораки и примероци од студентски оброк и побараа поквалитетни услови и подобар студентски стандард.
Покрај „Студентски отпор“, во организацијата на маршот учествуваа универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип. Тие се обединија, како што велат, за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.
Во петокот минатата недела Собранието го донесе Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, кој се носеше по скратена постапка.
Со измените на Законот се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2 400 денари месечно. За измените пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари.
Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега, со траење до март 2023 година. Со нив се предвидува сите студенти кои и досега земале студентски оброк и ги исполнуваат условите за тоа со сегашното решение, да продолжат да земаат 120 денари до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, што произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието. Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември досега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.