Наоми Бајден и нејзиниот вереник Питер Нил го кажаа судбоносното „да“ во куќата на претседателот на Соединетите Американски Држави. Тоа е 19-та венчавка во историјата на Белата куќа, но прва во која невестата е внука на претседателот, кој утре ќе наполни 80 години
Најстарата внука на американскиот претседател Џо Бајден денеска се мажи, а свадбата беше во Белата куќа.
Наоми Бајден и нејзиниот вереник Питер Нил го кажаа судбоносното „да“ во куќата на претседателот на Соединетите Американски Држави. Тоа е 19-та венчавка во историјата на Белата куќа, но прва во која невестата е внука на претседателот, кој утре ќе наполни 80 години.
Јужниот тревник за прв пат беше претворен во свадбено место. Јужната страна на Белата куќа, свртена кон тревникот и споменикот Вашингтон во далечината, беше украсена со венци од бели цвеќиња.
Јавноста нема да види ништо од свеченоста, за разлика од некои минатите свадби во Белата куќа. Невестата и младоженецот одлучија да ги задржат медиумите надвор, иако церемонијата ќе биде на отворено.
Дваесет и осумгодишната Наоми Бајден е адвокатка од Вашингтон. Нејзините родители се Хантер Бајден, син на претседателот и првата дама Џил Бајден, и Кетлин Бул, првата сопруга на Хантер.
Питер Нил од Џексон Хол, Вајоминг има 25 години и неодамна дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Пенсилванија. Работи во Правниот центар на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Двојката, која живее во Белата куќа, се запознала преку заеднички пријател пред четири години во Њујорк, соопшти Белата куќа.
Нил ја запроси внуката на претседателот Бајден во септември 2021 година во близина на неговиот дом од детството во Џексон Хол.
Прстенот со кој Питер побарал од Наоми да се омажи за него е направен од вереничкиот прстен на баба му, соопшти Белата куќа.
Откако официјално ќе станат маж и жена, нивните семејства и гостите на свадбата ќе влезат во Белата куќа на ручек.
Семејството Бајден ќе плати за сите свадбени активности, соопштија претставници на Белата куќа.
„Свадбата на Наоми Бајден и Питер Нил е приватна. Тоа е семеен настан и Наоми и Питер побараа нивната венчавка да биде затворена за медиумите и да ги почитуваме нивните желби“,
изјави во петокот Карин Жан-Пјер, главната портпаролка на претседателот.