Првиот човек на АНБ информира дека пропустот во случајот со Онишченко е направен на последното ниво, кое требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, меѓутоа потпишало дека не постои ризик без да го направи последниот чекор – потребната консултација со НАТО-партнерите
Димовски кажа дека не смета оти има лична одговорност за случајот, но ако се утврди дека има пропуст од негова страна, тогаш тој ќе биде спремен да се соочи и да сноси одговорност ако се утврди дека е виновен
По интерната проверка што ја спроведе Агенцијата за национална безбедност (АНБ), утврдено е дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење, изјави денеска првиот човек на АНБ, Виктор Димовски, во врска со случајот на Олександр Онишченко, кој добил позитивно мислење од АНБ во врска со издавање македонско државјанство.
„Последното ниво, кое требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, меѓутоа потпишало дека не постои ризик без да го направи последниот чекор – потребната консултација со НАТО-партнерите“
изјави Димовски.
Димовски објасни дека некој ќе аплицира за македонско државјанство, неговата апликација се проследува низ безбедносна проверка на три нивоа, а потоа се разгледува на уште четири нивоа – сектор за контраразузнавање, сектор за спротиставување за тероризам и насилен ектремизам и сектор за заштита на витални економски интереси.
„Доколку на сите овие нивоа се процени дека постојат одредени елементи за одредени држави кои не се членки на НАТО, безбедносните проверки одат и во рамки на четвртиот сектор кој е секор за стратешка соработка којшто проверките ги врши врз основа на свои евиденции и ги врши врз основа на комуникација со стратешките партнери во НАТО алијансата“,
појаснува Димовски.
Димовски вели дека е лоциран поединецот што ставил потпис без соодветно да ја заврши својата задача, а дека против него и против други лица евентуално вклучени во овој случај ќе бидат преземени законски мерки.
„Останува уште да утврдиме дали се работи за пропуст или за некаков лукаративен интерес. Мој најголем интерес е да го откриеме тоа. Врз основа на тоа ќе се утврди дали лицето ќе заврши со дисциплинска, кривична или со каква било друга одговорност“,
вели Димовски.

Димовски не сакаше да го открие идентитетот на поединецот зашто, како што кажа, тоа е клацифицирана информација. Појасни дека се работи за лице со безбедносен сертификат и со највисока одговорност.
Прашан дали за случајот „Онишченко“ треба да се бара одговорност само кај едно лице или треба да постои поголема одговорност, Димовски нагласи дека сите вклучени во овој процес го направиле тоа што е пропишано согласно процедурите, освен лицето што го направило пропустот.
Прашан дали тој го имал крајниот збор во однос на одлуката на Агенцијата, Димовски одговори потврдно.
„Да, дефинитивно крајниот збор го има директорот или неговиот заменик“,
рече тој.
Тој кажа дека не смета оти има лична одговорност за случајот, но ако се утврди дека има пропуст од негова страна, тогаш тој ќе биде спремен да се соочи и да сноси одговорност ако се утврди дека е виновен.
„Одговорноста ќе биде точно утврдена на локално ниво. Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид, ниту да одам во Грција. Јас ќе бидам тука. Останувам тука и спремен сум да се соочам со сè ако се утврди дека треба да сносам одговорност“,
нагласи директорот на Агенцијата за национална безбедност.
Директорот на АНБ денеска требаше да реферира во врска со случајот за Олександр Онишченко и како Агенцијата за национална безбедност издала позитивно мислење во врска со издавање македонско државјанство на украинскиот олигарх кој воедно се наоѓа и на црната листа на САД.
Седницата што требаше да биде затворена за јавноста беше одложена, а причината за нејзиното одложување е тоа што додека течел исказот на Димовски, дел од него се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието. Пратениците во Комисијата во текот на седницата биле известени за пропустот, а за него пратеникот Павле Трајанов го известил претседателот на Собранието кој, неофицијално, побарал да се истражи кој е одговорен за пропустот.