Заедно да им помогнеме на институциите, на јавното здравство, преку наш личен пример, преку лична одговорност. Да останеме дома, да нема никакви собири, да користиме средства за дезинфекција и често да миеме раце.
Ова го порачува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преку видеообраќање во кое посебно им се обраќа и на младите.
„Млади, мора да разберете колку е сериозна ситуацијата и веднаш да ги прекинете собирите. Дечки и девојки, помислете на своите најблиски, вирусот може да биде многу опасен за вашите родители, баби, дедовци, за луѓето кои, за разлика од вас, многу потешко би се избориле со болеста. Знам дека имате начини да се дружите онлајн, и затоа ве замолувам, направете го тоа“,
вели Заев.
Тој им се обрати и на ширачите на лажни вести и побара од медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално однесување.
„Ова се тешки времиња, но ние сме тука да им служиме на граѓаните, да им помогнеме на компаниите, на работниците. Подготвуваме голем пакет на нови економски мерки, да ги задржиме вработените и да ги одржиме фирмите. Државата ќе помогне солидарно, на здрави основи. Верувам дека Северна Македонија е во кондиција да обезбеди најголема помош по глава на жител споредено со земјите од соседството“,
вели Заев.