Тој ги повика сите надлежни органи да постапат како што треба по закон и ако се утврди дека некој направил нешто што не е законски, како што рече, „се знае каде е одговорот“
Станува збор за големи фирми и општини што се снабдуваат со поевтина електрична енергија, која според законот не им следува, користејќи „шема“ преку отворање мали фирми ќерки со до 20 вработени и со закупување на нивното броило
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и „ЕВН хоум“ треба да се занимаваат со фирмите што бесправно се префрлиле од слободен на регулиран пазар на електрична енергија.
Станува збор за големи фирми и општини што се снабдуваат со поевтина електрична енергија, која според законот не им следува, користејќи „шема“ преку отворање мали фирми ќерки со до 20 вработени и со закупување на нивното броило.
„Има кој да ја обелодени листата на оние што неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и сè ќе се случи во свое време“,
изјави Битиќи.
Тој ги повика сите надлежни органи да постапат како што треба по закон и ако се утврди дека некој направил нешто што не е законски, како што кажа, „се знае каде е одговорот“.
„За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон“,
изјави вицепремиерот Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Трендот на преминување на фирми и општини од слободниот на регулиран пазар преку „шема“ на отворање на мали фирми ќерки во јавноста го откри РКЕ во април, оваа година.
„Овој тренд на преминување од слободниот на регулираниот пазар на електрична енергија за жал прво започна со општините во државата и најголем дел од нив за да си ги намалат своите трошоци за јавно осветлување формираа помали фирми кои што ќе се занимаваат со јавното осветлување, а потоа тоа продолжи кај компании во државата. Овој тренд регулаторната комисија за енергетика го забележа во март април 2022 година и за тоа ги информираше соодветните институции“,
изјави неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, за Блумберг адриа.
Токму поради ваквата „шема“ на општините и компаниите, до 30 јуни годинава бил направен непланиран увоз на електрична енергија од 30 милиони евра.
Тој соопшти дека Владата донела одлука со кои тие од 1 јануари повторно ќе мора да се вратат на регулираниот пазар.
Од Владата и од надлежните институции засега не ги откриваат компаниите кои на овој начин се снабдувале со струја од февруари годинава до сега, ниту дали ќе има санкции за нив.
Министерот за економија, Крешник Бектеши пред десетина дена изјави дека универзалниот снабдувач со електрична енергија „ЕВН хоум“ има обврска, согласно одлука од страна на Владата, од 1 декември да ги исклучи од регулиран пазар оние компании и јавни комунални претпријатија кои го прекршиле Законот за енергетика и бесправно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија.
Според него, во Законот за енергетика не е наведено децидно дека подружница отворена од компанија не може да ја преземе одговорноста во делот на плаќање на фактури за електрична енергија.
„Но, во делот на плаќање на ДДВ мислам дека има злоупотреба и за ова се знае кои се одговорни инстутуции и кои треба да ги направат соодветните контроли. На регулираниот пазар имаме стапка на ДДВ од 5 отсто, а на слободниот пазар е друга и за тој основ треба да се направат соодветните контроли и да се преземат мерки“,
нагласи министерот Бектеши.