Шефот на Канцеларијата за национална безбедност, Јацек Сиевиера, кажа дека полските власти се во контакт со партнерите од НАТО и со американските колеги и додаде дека Полска ја зголемува борбената готовност на некои единици во земјата откако доцна попладне се случи експлозија
Полските власти соопштија дека две лица загинале по експлозија во областа Хрубишов во источна Полска, јави Си-ен-ен.
„Имаше експлозија во источна Полска“,
изјавил владиниот портпарол Пјотр Мулер во Варшава.
Тој рекол дека тимови експерти ја разјаснуваат ситуацијата и ќе продолжат да работат на собирање детали за, како што рекол, „сериозната“ ситуација.

Фото: ,EPA-EFE/RADEK PIETRUSZKA POLAND OUT
Зборувајќи заедно со владиниот портпарол Мулер, шефот на Канцеларијата за национална безбедност, Јацек Сиевиера, додаде дека полските власти се во контакт со партнерите од НАТО и со американските колеги. Тој додаде дека Полска ја зголемува борбената готовност на некои единици во земјата.
Сепак, и покрај тоа што полските власти потврдија дека се случила експлозија на нивна територија, тие не рекоа дека таа била предизвикана од руски ракети.
Мулер и Сиевиера додадоа дека Полска размислува да побара разговори со своите НАТО партнери според член 4 од Договорот за НАТО, кој дозволува секоја членка да бара консултации со остатокот од Алијансата, доколку нивниот територијален интегритет, политичката независност или безбедност се загрозени.
Русија негираше вмешаност, а нејзиното Министерство за одбрана соопшти дека „немало удари врз цели во близина на украинско-полската државна граница“.
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по разговорот со полскиот претседател Анджеј Дуда, изјави дека е „важно да се утврдат сите факти“ во врска со експлозијата во Полска која е земја членка на Алијансата.
„НАТО ја следи ситуацијата и сојузниците внимателно се консултираат. Важно е сите факти да се утврдат“,
рече Столтенберг во објавата на Твитер.
Spoke with President Duda @prezydentpl about the explosion in #Poland. I offered my condolences for the loss of life. #NATO is monitoring the situation and Allies are closely consulting. Important that all facts are established.
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) November 15, 2022