Во соопштението од проруската управа се наведува дека вработените во градската администрација и општинските институции го напуштиле градот и се преместени во безбедни подрачја во регионот, но не е наведено дали руската армија останува во градот или не
Државните службеници кои работат за администрацијата инсталирана од Русија во градот Нова Каховка, вториот по големина град во јужниот украински регион Херсон, го напуштиле градот обвинувајќи ги украинските сили оти го гранатирале, јави Ројтерс.

Градот лежи на левиот, источен брег на реката Днепар, веднаш до огромната брана Каховка, за која Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирање. Се граничи и со влезот во Северен Кримски Канал, клучен извор на свежа вода за сушниот полуостров Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
„По добро познатите настани од 11 ноември, кога на руските трупи им беше наредено да се повлечат од десниот (западен) брег на регионот Херсон, Нова Каховка беше под директен оган од артилерија од голем калибар и минофрлачи на вооружените сили на Украина“,
соопшти руската управа на градот.
Во соопштението од проруската управа се наведува дека вработените во градската администрација и општинските институции го напуштиле градот и се преместени во безбедни подрачја во регионот, но не е наведено дали руската армија останува во градот или не.
По повлекувањето на Русија од градот Херсон и областите западно од реките Днепар, минатата недела вниманието се фокусираше на градовите и селата под контрола на Русија на источниот брег, каде руските сили велат дека зазеле одбранбени позиции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порача на светските лидери дека нема да се прекине воената кампања на Украина за протерување на руските војници по повторното заземање на Херсон – единствениот регионален главен град што Русија го држеше откако ја нападна пред речиси девет месеци.