Двајцата лидери се согласиле дека нуклеарното оружје никогаш не треба да се користи, вклучително и против Украина
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг и американскиот претседател Џо Бајден се состанаа на Бали пред самитот на Г-20 во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво во последните децении, опкружени со низа прашања од Тајван до трговски спорови.
Двајцата државници првпат разговараат лице в лице откако Бајден стана претседател.
Бајден истакна дека САД „ќе продолжи енергично да се натпреварува“ со Кина, но оти „конкуренцијата не би требало да премине во судир“.
Двајцата лидери се согласиле дека нуклеарното оружје никогаш не треба да се користи, вклучително и против Украина, се вели во соопштението на Белата куќа.
Од Белата куќа посочуваат дека претседателот Бајден и претседателот Си го повториле договорот дека нуклеарната војна никогаш не смее да се води и не може да се победи, и го истакнаа своето противење на употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје во Украина“, соопшти Белата куќа.
„Како лидери на две нации, ја споделуваме одговорноста да покажеме дека Кина и САД можат да ги надминат разликите, да ја спречат конкуренцијата да дојде блиску до конфликт и да изнајдеме начини да работиме заедно за итни глобални прашања“,
посочи Бајден на почетокот на средбата на Бали.
Од Белата куќа соопштуваат дека Бајден и Си разговарале за глобалните прашања, додека американскиот претседател изразил загриженост за политиката на Кина кон Хонг Конг и Тајван.
„Тој ги изрази американските приговори за принудните и сè поагресивни дејствија на Народна Република Кина кон Тајван, кои ги поткопуваат мирот и стабилноста низ Тајванскиот теснец и поширокиот регион и го загрозуваат глобалниот просперитет“,
се вели во соопштението.
Како што објави кинеската новинска агенција Синхуа, Си на средбата истакнал дека тајванското прашање е клучен интерес на Кина, темел на политичката основа на односите помеѓу Кина и САД и прва црвена линија, што не смее да се премине во односите меѓу двете земји.
Кинескиот претседател посочи дека тој и Бајден, како лидери на две големи земји, мора да го постават вистинскиот курс за билатералните односи.