Порталот „Призма“ во петокот објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е на списокот со санкционирани лица на САД
Претседателот на собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Љупчо Пренџов, го кани в среда на седница директорот на АНБ, Виктор Димовски, со цел да објасни која е улогата на Агенцијата во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко. Агенцијата дала позитивно мислење Украинецот Онишченко да добие македонско државјанство во мај годинава.
„Или со други зборови, директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“,
напиша Пренџов на својот фејсбук-профил.
Седницата на Комисијата е закажана за 16 ноември во 12 часот.
Порталот „Призма“ во петокот објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е на листата на санкции на Соединетите Американски Држави (САД).
Онишченко сега е македонски репрезентативец во коњички скокови.
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој инаку има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови.
Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од Партијата на регионите на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.
Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра. Тогаш украинското Собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко.
Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Владата ги добила сите потребни позитивни мислења од релевантните институции за во мај годинава да му се додели македонско државјанство на Онишченко.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека четири институции дале позитивно мислење – Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на коњички спортови.
„Станува збор за добивање државјанство по член 11. Не е државјанство кое го доделува МВР, туку Владата. МВР ги прибира сите документи, станува збор за предмет кој добил позитивни оценки од четири релевантни институции во државата. На крајот на Влада се носи одлука и Владата има дискрециско право да даде на којшто било аплицира во овој дел … Сите проверки од сите четири институции се позитивни. Тоа е за во конкретниот случај. За други случаи има други органи што даваат мислење, на пример, ако е за економија, даваат министерствата за економија, за финансии итн.“,
изјави Спасовски.
*Повеќе вести на оваа тема:
- Призма: Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство
- Спасовски: За државјанството на Онишченко четири институции дале позитивно мислење
- Ковачки: Директорот на АНБ не заслужува да биде амбасадор откако даде позитивното мислење за државјанство на украинскиот политичар
- Алијанса за Албанците ја повика Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Онишченко