Овие датуми се потсетник за сите нас дека треба вредно да работиме за да создадеме подобра иднина за генерациите после нас, да создадеме место каде што тие ќе сакаат да го градат својот живот, односно да создадеме модерно Скопје со кое сите ќе се гордееме, вели градоначалничката
По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, делегација на Градот, предводена од градоначалничката Данела Арсовска, положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите кој се наоѓа на платото пред Владата.
Овие датуми, вели градоначалничката, се потсетник дека треба да создадеме модерно Скопје со кое сите ќе се гордееме.
„Денес секојдневно чекориме по плоштади, улици, булевари, нашите деца учат во училишта што ги носат имињата на хероите заслужни за слободата што ја живееме, но никогаш не треба да заборавиме дека таа слобода е платена со највисоката цена – човечки животи. Овие датуми се потсетник за сите нас дека треба вредно да работиме за да создадеме подобра иднина за генерациите после нас, да создадеме место каде што тие ќе сакаат да го градат својот живот, односно да создадеме модерно Скопје со кое сите ќе се гордееме“,
вели Арсовска во пораката што ја објави на социјалните мрежи.
Со положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје, 13 ноември го одбележаа и Собранието, Владата и поголем дел од политичките партии. Во владината делегација беа поранешниот градоначалник на Скопје и актуелен министер за локална самоуправа, Ристо Пенов, министерот за правда Никола Тупанчески и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, упати писмена честитка во која порача дека ослободувањето на Скопје е ден кога се сеќаваме на херојството и им се поклонуваме на борците и жртвите.
И претставници на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје, го одбележаа денот со полагање свежо цвеќе.
„Како што во 1944 година е ослободен градот Скопје, така и коалицијата ’За обнова на Македонија‘, ќе ја ослободи државата од модерниот фашизам, кој е под закрила на сегашната владејачка структура во Република Македонија“,
порача советникот Петар Милетиќ.