Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека уште од јуни се обратиле до институциите, но досега никој не реагирал освен ЈП за државни патишта од каде посочиле дека надлежноста е во локалната самоуправа
Можната нестабилност на мостот надвозник кај Визбегово Скопско, како и парчиња бетон што висат од него претставуваат опасност за луѓето и возилата коишто се движат по него, но уште повеќе за тие што се движат под него, рангираше денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека пријава добиле уште во јуни годинава, но ниту една институција не реагирала.
„Веднаш во јуни ЦУК излезе со јавен напис на својата Фејсбук-страница, но воедно стапивме и во контакт со институциите кои евентуално би биле надлежен за оваа опасност за граѓаните. За жал, немаше никаква реакција, почекавме неколку месеци и во септември оваа година повторно излеговме со писмено барање до сите надлежни институции“,
вели Ангелов.
Тој кажа дека се обратиле до Министерство за транспорт и врски, ЈП за државни патишта, ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта, Град Скопје и Општина Бутел, а одговор добиле единствено од ЈП за државни патишта кое посочило дека надлежноста за надвозникот спаѓа во локалната самоуправа.
Од ЦУК и денеска ги повикаа институциите да реагираат, а граѓаните да пријават каква било опасност на бројот 112.