Министерот оцени дека во моментов безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции за нејзино нарушување
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека дојавите за бомби во ЈСП и во училиштата, кои се случуваа изминатите околу две недели, се монструозен чин и оти во еден од случаите се многу блиску за завршување на истрагата.
Спасовски вели дека не треба да се биде голем експерт за тероризам или за организиран криминал за да се знае дека повеќе од јасно е оти станува збор за хибридни напади.
„Анализираме во неколку правци, за еден од случаите сме многу блиску до целосно завршување. Има неколку индиции кои даваат многу јасна слика во овој дел, но тоа се, пред сè, информации кои не може да бидат споделени, а се анализираат внатре во рамките на истрагата. Укажувам на тоа дека ова е монструозен чин, затоа што предизвикува вознемиреност и кај граѓаните и кај наставниот кадар и кај учениците. Предизвикува вознемиреност кај секој еден нормален човек без разлика од кои причини се прави – дали е од геостратешки, политички, бизнис причини. Сите аспекти се анализираат за час поскоро да се дојде до реализација на еден од тие настани“,
изјави денеска министерот.
Тој оцени дека безбедносната состојба во државата е стабилна и нема никакви индиции за нејзино нарушување. На неа, сепак, вели дека може да влијаат и настаните од регионот и пошироко.
„Дали може да ефектуираат настаните кои ни се случуваат во поблиското и поширокото опкружување? Секако дека да. Тука е и воената агресија на Русија во Украина, но и другите аспекти, економската и енергетската криза, сето тоа влијае на состојбите во областа на безбедноста“,
рече Спасовски.