Меѓу работите што ќе се допрецизираат, според досегашниот нацрт-предлог, се однесуваат на тоа што точно се конфискува. На пример, ако некој купил наркотици за 100 000 евра, а ги продал за 110 000 евра, нема да му се запленат само 10 000 евра туку целиот износ
Се „дотерува“ финалната драфт-верзија на новиот Кривичен законик (КЗ) кој се очекува да ги допрецизира недореченостите во актуелниот и да биде во чекор со времето.

На оваа тема денеска Министерството за правда во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираше и стручна расправа, откако работна група околу три години работеше на подготовката на новиот закон, чијшто нацрт на почетокот на јули оваа година беше објавен и на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).
Не само тоа што го заработил, ќе се конфискува и тоа што криминалецот го вложил
Новиот КЗ треба да донесе неколку значајни измени, меѓу кои и за конфискацијата на имотот стекнат со криминал и корупција.
„Значајна измена во општиот дел е допрецизирање на режимот на конфискацијата на криминалните приноси за да се избегнат досегашните празнини, недоречености и лоша практика во примената на оваа значајна мерка во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Бидејќи истовремено се работи и на измени на Законот за кривична постапка, измените во општиот дел на КЗ треба да бидат проследени со брзи измени на ЗКП за да се ефектуираат и да ја надмине постојаната практика во која утврдуваме дека има постоење тешки кривични дела, а не можеме да стигнеме до криминалниот принос, па се спогодуваме со обвинетите дали сакаат нешто да платат или не. Тоа е лоша практика бидејќи криминалниот принос мора егзактно да се утврди и да се одземе без никакво спогодување“,
изјави денеска академик Владо Камбовски пред почетокот на стручната расправа.
Меѓу работите што ќе се допрецизираат, според досегашниот нацрт-предлог, се однесуваат на тоа што точно се конфискува. Со новите законски одредби, има јасна одредба за тоа дека предмет на конфискација не е само тоа што криминалецот го заработил, туку и тоа што го вложил.
„На пример, ако некој купил наркотици за 100 000 евра, а ги продал за 110 000 евра, нема да му се запленат само 10 000 евра туку целиот износ“,
вели Камбовски.
Напади врз новинари да се третираат како дела против службената должност, допрецизирање на делата против финансиите…
Академикот во изјавата за медиумите денеска наведе уште неколку примери за новини во нацртот за новиот Кривичен законик, меѓу кои е и справувањето со говор на омраза бидејќи, како што вели, мора се одговори на таа поплава на говор на омраза од социјалните мрежи, јавните трибини итн. Тука се и нападите врз новинари кои би се третирале како дела против службената должност бидејќи станува збор за професија која е изложена на поголем ризик.
„На пример, во делата квалифицирани облици на говор на омраза треба да се реагира на една поплава од говор на омраза од социјални мрежи до јавни трибини и слично. Понатаму родовата еднаквост, заштитата на ранливите категории, новинарите кај делата против службената должност, убиство, тешка телесна повреда. Тие да бидат заштитена категорија бидејќи гледаме дека се изложени на ризици кои не се толерантни или нормални, секој е изложен на одредени ризици но има категории или професии кои се изложени на поголеми ризици. Понатаму, околу делата против економиајта и финансиите, односно делата на стечај, стечај на банка“,
наведе Камбовски за областите за кои ќе има позначајни промени.
Новиот КЗ е можност комплетно да се ревидира кривичното законодавство

Министерот за правда, Никола Тупанчески, оцени дека носењето на нов Кривичен законик е можност комплетно да се ревидира кривичното законодавство и ќе се подобри законската рамка, а со тоа и ефикасноста и ефективноста на правосудството.
„Ова е добра можност комплетно да се ревидира кривичното законодавство, да се направи негова кодификација и во целост да се преиспитаат, ревидираат и истовремено да се донесат одредби кои ќе бидат дел од КЗ и ќе кореспондираат со адекватните и современи европски и светски трендови во оваа сфера. Се работи за голем проект, работната група работеше цели три години на подготовка на драфт верзијата на новиот КЗ. Ова се последните подготовки во однос на дотерувањето на последната фаза од драфт верзијата на КЗ. Верувам дека ова ќе биде одлична алатка за сите судии, обвинители и институции за подобрување на легислативната рамка и на подобрување на состојбите во однос на ефикасноста и ефективноста на правосудството на нашата држава“,
изјави пред медиумите Тупанчески кој пред да стане министер и самиот беше дел до работната група што работи на новиот закон.
На отворањето на стручната расправа, тој посочи дека изминатиот период откако нацрт-предлогот бил објавен на ЕНЕР биле добиени голем број на мислења, коментари и предлози кои сè уште се разгледуваат од страна работната група. Во подготовката на новиот КЗ, наведе дека учествувале и одреден број странски експерти кои повремено се вклучувале во дискусиите, зависно од темата. Како исклучително корисни тој ги оцени мислењата кои ги доставиле германски професори и практичари од казненото право.