Професорот Славески смета дека инфлацијата ќе продолжи и во 2023 година, но сега не сака да се прикаже, а за него е нејасно како владата и министерството за финансии проектираат дека приходите во буџетот ќе пораснат за 15 отсто
Ако споредиме со 2021 година, значи само за две години што никогаш не се случило во независна Македонија, на страната на расходите проектираниот буџет за 2023 година е повисок од она што е реализирано пред две години за милијарда и 100 милиони евра. А, се проектираат приходи што би биле повисоки или би требало да се повисоки за цела милијарда евра од она што беа приходи остварени во цела 2021 година. Од каде се тие пари освен од задолжување што ќе го плаќаат и сегашните и идните генерации, вели професорот Трајко Славески, поранешен министер за финансии и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа.
Славески потенцираше дека овој предлог буџет на власта е мегаломански и инфлациски и не води сметка за тековната состојба.
„Значи буџетот е инфлаторен затоа што воопшто не води сметка за тековната состојба, за инфлација која што достигна 20 отсто, највисока од средината на 90-тите години кога едвај некако ја стабилизиравме економијата и земјата, и не помага воопшто на монетарната политика“,
истакна Славески.
Тој смета дека инфлацијата ќе продолжи и во 2023 година, но сега не сака да се прикаже бидејќи како што рече нејасно му е како владата и министерството за финансии проектираат дека приходите во буџетот ќе пораснат за 15 отсто.
„Секогаш при проектирање на приходите, односно колкав е капацитетот на економијата да приберете приходи, се тргнува од номиналниот раст на БДП, значи по тековните цени. Мене ми е нејасно од каде владата и министерството за финансии проектираат дека приходите од буџетот ќе пораснат за 15 отсто. Тоа ми наликува на некоја скриена инфлација која на сака сега да се прикаже. Сега растат приходите, затоа што ние плаќаме повисоки цени на сите производи, а стапката на ДДВ е фиксна кај најголемиот број на стоки и услуги кои ги користиме и со тоа плаќаме поголем данок, од тука се зголемуваат приходите на државната каса“,
додаде Славески.