Тој ги повика двете страни да го „изберат патот на дијалогот и да се воздржат од дејствија кои би довеле до насилство и конфронтација“
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил денеска изјави дека САД се согласуваат со Европската Унија дека неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија го загрозуваат важниот напредок постигнат во дијалогот што се води со посредство на ЕУ.

Хил во изјава за Н1 истакна дека повлекувањето на Србите од косовските институции не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за понатамошна ескалација на тензиите на теренот.
„Затоа, САД се приклучуваат на ЕУ во повикот до Србија и до претставниците на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски за дијалог и да се вратат во косовските институции со нивните должности, вклучително и во полицијата, судството и локалната администрација“,
рече Хил.
Американскиот амбасадор во Белград, рече дека САД исто така се приклучуваат кон ЕУ и во повикот до косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одлагање, што значи сите казнени мерки против сопствениците на табличките КМ (Косовска Митровица) да бидат суспендирани додека двете страни го решаваат прашањето за регистарските таблички во рамките на дијалогот.
„Ова значи и веднаш да започнат преговорите за формирање Заедница на српски општини, што е обврзувачка законска обврска за Косово. Континуираното неисполнување на оваа обврска од страна на Косово го поткопува принципот на владеење на правото и го нарушува угледот и кредибилитетот на Косово“,
рече Хил.
Тој ги повика двете страни да го „изберат патот на дијалогот и да се воздржат од дејствија кои би довеле до насилство и конфронтација“.
„САД целосно ги поддржуваат напорите на ЕУ да продолжи да посредува во преговорите. Двете страни треба да покажат дека се подготвени да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат обврските преземени во дијалогот со посредство на ЕУ“,
порача амбасадорот на САД во Србија.
Портпаролот на Европската Унија, Петер Стано ги повика властите во Приштина веднаш да ја одложат примената на одлуката за регистарските таблички и продолжување на процесот на пререгистрација на возилата.
„Албаниан пост“ денеска јави дека претставникот на ЕУ побарал од Приштина да запре со казнување на граѓаните кои имаат автомобили со српски регистарски ознаки.
Тој исто така рекол и дека двете страни имаат одговорност да обезбедат мир и да се воздржат од акции кои ќе значат ескалација на тензиите