Од партијата велат дека на 24 октомври биле произведени вкупно 11 000 мегават-часа струја од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13 000 мегавати, што, како што заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека се увезени 2 000 мегавати електрична енергија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение изнесе тврдења дека термоелектраните РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ работат со половичен капацитет и ги обвини властите дека лажат кога велат дека не увезуваат струја и дека сите потреби за електрична енергија се задоволуваат од домашно производство.

Од партијата велат дека на 24 октомври биле произведени вкупно 11 000 мегават-часа струја од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13 000 мегавати, што, како што заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека се увезени 2 000 мегавати електрична енергија.
„РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ заедно имаат инсталиран производствен капацитет од 810 мегавати. Тој капацитет не е искористен ниту половично. Имено, на 24 октомври, според јавно достапни информации, се гледа дека во функција биле 361 мегават, односно 44,6 отсто од инсталираниот капацитет. И во такви слаби услови термоелектраните произвеле над 70 отсто од домашната струја“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Со целосно искористување на капацитетот на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, нагласуваат од партијата, доколку „навремено се копаше јаглен и доколку беа целосно оперативни блоковите, само од термоелектраните ќе се произведеше близу 19 000 мегават-часа струја“.
Оттаму додаваат дека и под претпоставка овие производствени енергетски капацитети да работат со 70 отсто од капацитетот се доволни за потребите на државата, а „преостаната струја од другите извори ќе можеше да се извезе и ЕЛЕМ (ЕСМ) ќе бележеше профит“.
„Со 70 отсто искористеност на РЕК ‘Битола’ и ‘Осломеј’, сè што би произвел ТЕЦ „Неготино“ ќе се извезеше, а дополнителни количини ќе имаше и од хидроакумулациите и ветерниот парк во Богданци, струја која е поевтина и би се искористила за домашна употреба, а таа од термоелектраните би можела да се продава. Со правилно оптимизирање, ЕЛЕМ во изминатиов период ќе можеше да врши извоз на струја од над милион евра дневно. А за увоз воопшто немаше да се зборува. СДС не знае да менаџира со енергетските капацитети, затоа и граѓаните и бизнисот плаќаат скапа струја“,
велат од опозициската партија.
Според соопштението на Владата испратено на 25 октомври, а кое се однесува на произведената електрична енергија за претходниот ден, на 24 октомври биле произведени 11 335 мегават-часа електрична енергија.
„Во термоелектраните се произведени 8 824 MWh, а во хидроелектраните и во ветерниот парк во Богданци произведени се 2 511 MWh. Изминатото деноноќие нема никакви забележителни промени во однос на перформансите на производствените постројки. Во функција се два блока во РЕК ‘Битола’, работи РЕК ‘Осломеј’, а продолжуваат и сервисните активности во ТЕЦ ‘Неготино’“,
стои во соопштението на Владата за произведената струја на 24 октомври.
Во него се потенцира дека АД ЕСМ на 24.10.2022 година целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети.

Од СДСМ преку соопштение денеска реагираа и нагласија дека целата струја е од домашно производство, односно дека ЕСМ покрива 100 отсто од потребите за струја.
„АД ЕСМ со своето производство од термоелектраните, од хидроелектраните и втерниот парк во Богданци произведува електрична енергија која 100 отсто односно во целост ги покрива потребите за струка на домаќинствата и малите потрошувачи. Домаќинствата, малите потрошувачи се снабдуваат со 100 отсто домашна, македонска струја, со што се зајакнува енергетската независност на државата. Како одговорна партија продолжуваме со мерки и политики кои имаат за цел полесно и побрзо надминување на последиците од енергетската криза“,
се наведува во соопштението на владејачката партија.