По три месеци од стартот на учебната година односно во ноември децата од основните училишта ќе добијат учебници според новите наставни програми

Новите учебници за основно образование кои им недостигаат на учениците, почнаа да се печатат во печатницата „Европа 92“, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Станува збор за учебници кои се направени според нова наставна програма и ќе се употребуваат за првпат. Истите не беа готови пред стартот на учебната година, па учениците мораа да учат од скрипти.

„Приоритет во процесот на печатење имаат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение, кои низ сложена неколкумесечна постапка се неодамна одобрени, а нивната изработка следеше по креирањето на нови наставни програми за овие одделенија, согласно планот за етапна реформа на основното образование. Согласно договорот со економскиот оператор, печатницата ’Европа 92‘, целосната испорака ќе биде заокружена во текот на следниот месец“,
велат од МОН.
Од Министерството додаваат дека ќе продолжат да вложуваат во нови наставни програми и учебници бидејќи тоа е еден од основните услови за квалитетна едукација во воспитно-образовниот процес.
