Бидејќи една третина од енергетскиот сектор на земјата е оштетен во неодамнешните руски ракетни и напади со беспилотни камикаѕи-летала, заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук, предупреди дека енергетските капацитети нема да можат да се справат со ситуацијата
Украинската влада ги советува бегалците кои ја напуштија земјата поради руската агресија и во моментов живеат во странство да не се враќаат до пролет 2023 година поради зголемените стравувања дека оштетената енергетска инфраструктура нема да може да ја покрие побарувачката претстојнава зима, пренесува „Гардијан“.

Енергетската криза во Украина доаѓа откако властите во Киев предупредија дека претстојната зима може да ги најави најтешките борби во војната, околу јужниот град Херсон, каде што руските сили се утврдуваат.
Бидејќи една третина од енергетскиот сектор на земјата е оштетен во неодамнешните руски ракетни и напади со беспилотни камикаѕи-летала, заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук, предупреди дека енергетските капацитети нема да можат да се справат со ситуацијата.
„Гледате што прави Русија. Треба да ја преживееме зимата“,
рекла Верешчук.
Предупредувањето на властите во Киев доаѓа во период во кој, според анкетите, повеќето украински бегалци изразија желба да се вратат дома.
Верешчук рекла дека иако би сакала Украинците да се вратат напролет, важно е засега да се воздржат од таквите намери бидејќи ситуацијата само ќе се влоши.
„Доколку е можно, засегав останете во странство“,
советува заменик-премиерката на Украина.
Во моментов нема навестувања за прекин на борбите на истокот и на југот на земјата, каде што Украина изминатиов период преку контраофанзива успеа да врати по своја контрола дел од областите окупирани од руските сили и кои Москва неодамна ги анектираше и ги прогласи за дел од територијата на Руската Федерација.
Од Украинците веќе беше побарано да бидат поштедливи во користењето на електричната енергија за да се балансира десеткуваната електрична мрежа во земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела информираше дека 30 отсто од електраните во земјата се уништени во руските напади од 10 октомври наваму.
Според Зеленски, ова предизвикало масовни прекини на струја низ целата земја.
Тој ги опиша руските напади врз инфраструктурните објекти за електрична енергија како друг вид руски терористички напади.
На 10 октомври руската војска почна со жестоки ракетни напади на повеќе региони во Украина, меѓу кои и врз главниот град на земјата, Киев.