На средбата што ја свика шефот на државата ќе учествуваат и претседателите на парламентот и на Владата
Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска и универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, која беше претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на ланските избори, се меѓу експертите што се повикани на средбата во вилата „Водно“, по состанокот на политичките лидери кои се согласија да се одложат парламентарните избори.

Дескоска и Силјановска се професорки по уставно право на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Покрај нив, на консултациите е поканет и пензионираниот професор од истиот факултет, Светомир Шкариќ. Од Правниот факултет во Скопје се повикани и професорите Татјана Каракамишева-Јовановска и Денис Прешова, како и Александар Спасов, кој е и советник во претседателскиот кабинет. На листата е и професорот Јетон Шасивари од Универзитетот на ЈИЕ.

На средбата што ја свика претседателот Стево Пендаровски ќе учествуваат и претседателите на парламентот и на владата Талат Џафери и Оливер Спасовски. Тие треба да ги разгледаат правните аспекти за тоа како да се одложат изборите што беа закажани за 12 април и како да се закажат нови избори, по санирањето на ситуацијата со коронавирусот.
На денешната лидерска средба од СДСМ присуствуваа Зоран Заев и Љупчо Николовски, од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова, од ДУИ Бујар Османи и Изет Меџити, од Алијанса за Албанците Зиадин Села и Арбен Таравари, од Алтернатива Африм Гаши и Скендер Реџепи, од Беса Билал Касами и Арјанит Хоџа и од ДПА Орхан Ибрахими и Фрумзим Даути. Тие постигнаа консензус дека предвремените парламентарни избори закажани за 12 април треба да се одложат, поради состојбата со коронавирусот. Присутните го овластија Пендаровски веднаш да свика состанок со истакнати правни експерти за да се изнајде правен модалитет за одложување на изборите.