На средбата со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, било дискутирано дека одобрувањето на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ) за Северна Македонија е во завршна фаза, а дека тоа е инструмент што им се доделува на земји кои имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики
Одобрувањето на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ) е инструмент што им се доделува на земји кои имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Ова е посочено за време на средбите на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската банка, во Вашингтон, САД.

На средбата со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, било дискутирано дека одобрувањето на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ) е во завршна фаза.
„Станува збор за инструмент кој обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди. Овој инструмент им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Во процесот на одобрување на ПЛЛ беше направена оцена на повеќе сегменти од работењето на централната банка, меѓу кои и на монетарната политика, платнобилансната позиција, супервизијата на финансискиот сектор, како и на соодветноста на статистичките податоци. За сите сегменти Народната банка доби висока оценка“,
информираа од НБ.
За време на средбите со претставници на ММФ, гувернерката на Народната банка посочи дека од крајот на минатата година преку своите монетарни операции НБ започна со нормализација на монетарната политика, додека од април досега, во неколку наврати е зголемена основната каматна стапка.
„Ова беше поддржано и со дополнителни мерки, односно промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5 отсто со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем“,
се додава во соопштението на НБ.
Од НБ додаваат оти ММФ оценија дека монетарната политика која ја води централната банка е соодветна, имајќи ги предвид глобалните фактори на понудата што ја движат домашната инфлација. Сепак, со оглед на пренесените ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања и на овие состаноци беше нагласена потребата за водење на претпазливи домашни политики. Воедно, како што посочуваат од НБ, акцент беше ставен и на стабилноста на банкарскиот сектор, што е во кондиција да ја поддржи домашната економија, а притоа има капацитет да се справува со евентуалните поголеми шокови.
„Народната банка досега соодветно одговара на тековните предизвици, кои се последица на глобалната криза, преземајќи мерки во насока на постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова е од особено значење во услови кога глобалната економија се соочува со повеќе големи предизвици – највисоката инфлација во изминатите неколку децении, руската инвазија на Украина, заострувањето на глобалните финансиски услови и се уште присутните закани од пандемијата. Монетарната политика треба да одговори одлучно на ценовните притисоци, а притоа во предвид да ги има неповолните изгледи за економскиот раст и ризиците за финансиската стабилност. Ова бара одлучна, но истовремено внимателна и избалансирана монетарна реакција“,
се додава во соопштението на НБ.