Наместо три, Комисијата за прашања на изборите и именувањата доставила предлог за двајца кандидати за уставни судии кои треба да бидат изгласани на пленарна седница. Третиот предлог – Љубомир Јовески, е блокиран од страна на ВМРО-ДПМНЕ, па засега, одлуката да се предложат само две имиња е со цел да се спречи уставна криза бидејќи за неполни два месеца во Уставниот суд ќе се испразни и петтото столче од вкупно девет, што ќе значи дека овој суд нема да може заседава и да носи одлуки
За да се спречи уставна криза, денеска на дневен ред на пленарната седница во Собранието е избор на двајца уставни судии. Станува збор за апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева, кои како предлози се пристигнати до претседателот на парламентот Талат Џафери од страна на претседателката на Комисијата за изборите и именувањата Марија Георгиевска од СДСМ.
Оваа Комисија треба да предложи вкупно три имиња, а седницата на која се расправа за утврдување на предлозите не е завршена со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ со повеќечасовни говори и процедурални забелешки спречува републичкиот обвинител Љубомир Јовески да биде утврден како трет предлог за уставен судија.
Пратеничката Георгиевска, која е на чело на собраниската комисија, во дописот до Џафери наведува дека го испраќа предлогот за само двајца со цел да се спречи уставна криза со оглед дека Уставниот суд во моментов функционира со само пет од вкупно девет судии, а на 7 декември истекува мандатот на уште еден од петтемина други, што би значело дека овој суд со само четворица судии нема да има мнозинство и воопшто да одржува седница, а уште помалку да одлучува.
„Имајќи го предвид постојниот состав на Уставниот суд, од девет судии во моментов има пет судии, што може да го доведе во прашање остварувањето на неговите надлежности, потребно е утврдените предлози за избор на судии на Уставниот суд на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да бидат разгледани и од Собранието на Република Северна Македонија;
Расправата во Комисијата за утврдување на третиот предлог за судија на Уставниот суд за која има пријавено пратеници за дискусија е во тек и ќе продолжи понатаму, но не треба да претставува причина за нефункционалноста на Уставниот суд. Ова дотолку повеќе што и Комисијата и Собранието за секој предлог одлучуваат посебно“,
пишува во дописот на Георгиевска до Џафери.
Дека државата се наоѓа пред уставна криза пред десетина дена предупреди и претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска која за состојбите алармираше преку писмо до Собранието, но и до Судскиот совет.
До Судскиот совет таа се обрати со оглед дека на местото на судијката Вангелина Маркудова, чиј мандат истекува на 7 декември 2022 година, треба да дојде судија по предлог на Судскиот совет од редот на судиите.
„Без да навлегувам во надлежностите и начинот на работа на Судскиот совет, сакам да укажам на потребата од навремено утврдување предлог за избор на нов судија. Во прилог на ова е и сегашната состојба во Судот којшто работи на граница на кворум поради неизбирањето на останатите четворица судии од страна на Собранието, на што се чека веќе 17 месеци. Следствено на ова, доколку со истекот на мандатот на судијата Маркудова, продолжи алармантната состојба во Уставниот суд, државата ќе се најде во уставна криза. Како последица на тоа, ќе нема услови за одржување на седници и Судот ќе биде оневозможен да врши контрола на законите и прописите и да ги штити правата и слободите на граѓаните“,
напиша Кацарска во писмото адресирано до претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска.

Предлог од Судскиот совет, пак, се очекува да биде даден на седница на почетокот на ноември, а потоа предлогот ќе треба да биде изгласан и на пленарна седница во Собранието.
Зошто 17 месеци Уставниот суд е некомплетен
Периодот од 17 месеци чекање да се изберат уставни судии што го споменува Кацарска во писмата е со оглед дека седницата на собраниската Комисија за избори и именувања за утврдување на три предлози беше закажана уште во јуни лани откако им завршија мандатите на дотогашните уставни судии Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Меѓутоа, тогаш седницата помина во тензична атмосфера и не се утврдија предлози.
Откако и во наредните неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата за прашања на изборите и именувањата претрпе и измени во составот. Нејзиниот поранешен претседател, Костадин Костадинов, на локалните избори во октомври 2021 година стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Дојде и до прекројување на мнозинството откако по истите избори Беса одлучи да излезе од мнозинството и да премине во опозиција. Одреден период се водеше и полемика дали нејзиниот пратеник Фадил Зендели треба да биде член на оваа комисија. На 3 март годинава модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На пленарна седница на 16 март конечно се комплетираше составот на Комисијата кога Марија Георгиевска од СДСМ беше избрана за нова претседателка на местото на Костадинов, а нејзиниот сопартиец Дарко Каевски беше избран за нов член на местото на Зендели.
Иако во март се комплетираше, Комисијата успеа да одржи продолжение на кое беа дадени предлози за уставни судии два месеци подоцна (13 мај).
Тогаш, пратениците од мнозинството ги предложија Скендер и Васиќ-Бозаџиева кои добија зелено светло и денеска се на дневен ред на пленарна седница, како и Јовески, чие утврдување како предлог, ВМРО-ДПМНЕ го блокира.
Пратениците од опозицијата, пак, предложија шест кандидат, но ниту еден од нив не доби мнозинство гласови во Комисијата: обвинителот од Вишото јавно обвинителство во Штип Тодор Витларов; охридскиот обвинител Воислав Димоски; пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, како и поранешен пратеник и претседател на Собранието Саво Климоски; професорка од Правниот факултет, Родна Живковска; управната судијка од Битола Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Четвртото столче кое во моментов е испразнето (покрај тие од Мурати, Гошева и Ивановски), е од Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари годинава, па пратениците ќе треба да изберат уште еден судија.
Фото: МИА