Пожарот избувнал во текот на ноќта, кога четворица затвореници се задушиле од чадот, а од вкупно 61 повреден лекарска помош добиле 51 затвореник
Иранските правосудни власти објавија дека четворица затвореници загинале, а 61 се повредени во пожар во затворот Евин во Техеран.
Пожарот избувнал во текот на ноќта, кога четворица затвореници се задушиле од чадот, а од вкупно 61 повреден лекарска помош добиле 51 затвореник.

Пожарот избувнал во озлогласениот затвор каде се чуваат политички затвореници и антивладини активисти.
Новинската агенција ИРНА објави дека имало конфликт меѓу чуварите и затворениците во едно крило на затворот.
Висок функционер за безбедност рече дека затворениците запалиле магацин полн со затворски униформи, што го предизвикало пожарот. Тој изјави дека бунтовниците биле одвоени од другите затвореници со цел да се смири конфликтот. Службеникот посочува дека сега ситуацијата е „целосно под контрола“ и дека пожарникарите го изгаснале пожарот.
Обвинителот на Техеран Али Салехи изјави дека во затворот е воспоставен мир и дека инцидентот не е поврзан со уличните немири.
На видеата на интернет и на локалните ирански медиуми, се вели дека се слушнале и пукотници, а ова се случува во време кога немирите на улиците на Иран траат повеќе од четири недели поради смртта на младата Иранка Махса Амини во притвор во Техеран.
Групата за човекови права ХРАНА со седиште во САД соопшти дека најмалку 233 демонстранти се убиени откако бранот протести го зафати Иран на 17 септември.
Се додава дека меѓу загинатите има 32 лица помлади од 18 години.
Претходно, Иранската организација за човекови права, со седиште во Осло, Норвешка, процени дека биле убиени 201 лице, додека иранските власти не објавија биланс на загинати во претходните недели.