Германскиот канцелар Олаф Шолц на денешниот конгрес на ПЕС во Берлин повика на проширување на Европската унија бидејќи како што кажа на тој начин унијата може да има поголемо влијание кога станува збор за глобалните прашања.
„Европската унија со 27, 30, 36 земји, тогаш со повеќе од 500 милиони слободни и еднакви граѓани, може да има уште поголема тежина во светот”,
рече Шолц на Конгресот на Партијата на европските социјалисти во Берлин.
Тој кажа дека прашањето за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан и со други земји е од ургентна важност поради руската инвазија врз Украина, но и дека земјите кандидатки мора пред приклучувањето да ги исполнат сите критериуми за влез во унијата.
„Јас сум посветен на проширувањето на ЕУ. Тоа дека Унијата ќе продолжи да се шири кон исток е ситуација во која сите ние добиваме, рече Шолц пред европските социјалисти во Берлин”,
изјави Шолц.
Канцеларот порача и дека Европската унија треба да ја подобри својата способност за проширување преку реформи и дека се залага принципот на едногласно одлучување да се смени со принцип на носење на мнозински одлуки за надворешните политики.
„Знам дека на овој план треба да вложиме уште многу убедувачки напори, но сакам да сум јасен: ако наша цел е силна геополитичка Европа, тогаш одлуките на мнозински принцип се добивка, а не губење на суверенитетот“,
кажа Шолц.
На денешниот конгрес на европските социјалдемократи и социјалисти беше усвоена и резолуција за поддршка на Украина како и за натамошни санкции против Руската федерација.